Арсовска со остри обвинувања: Мицковски лично стои зад хаосот во Комунална хигиена
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, остро реагираше на случувањата поврзани со ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицковски дека лично стои зад, како што вели, „режимски и политички мотивиран хаос“ во претпријатието.
„Како ќе функционира ЈП ‘Комунална хигиена’ во следните пет дена прашајте го премиерот Мицковски, кој од својот кабинет го наредува овој хаос што самиот го најави како ‘интересна разврска’ на прес-конференција пред да се случи“, порача Арсовска.
Таа повика Мицковски, како што вели, „да ја прекине злоупотребата на институциите и полицијата за политичка репресија пред избори“ и да обезбеди законско функционирање на јавните претпријатија.
Арсовска потсети дека претседателката на Управниот одбор на Комунална хигиена, која, според неа, е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, е „осудена за две кривични дела во 2006 и 2022 година“. Таа го повика премиерот да го свика Управниот одбор, согласно член 24а став 2 од Законот за јавни претпријатија, да донесе одлука за разрешување на директорот и да именува вршител на должност, согласно став 3 од истиот член.
„Мицковски го тероризира градот со своето режимско владеење преку својот управен одбор, злоупотребувајќи ги институциите и полицијата за ширење страв и репресија пред избори“, изјави Арсовска.
Таа постави и неколку јавни прашања до премиерот:
Зошто не е приведен директорот на ЈКП Тетово за еколошката хаварија со отпадот во Вардар?
Зошто не е приведен директорот на ЈКП Гази Баба за отпадот фрлан сред природа во Јурумлери?
Зошто не е приведен директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово, кој, според Арсовска, секојдневно создава еколошка хаварија во градот?
„Или таму режимскиот диктатор Мицковски не дал наредба да се апси?“ – праша Арсовска, завршувајќи со порака дека „граѓаните не смеат да бидат жртви на политички реваншизам“.


 
		
 
			 
			 
			 
			 
			