|

АСОМ: Очекуваме конструктивна соработка со новата Влада за Законот за игрите на среќа

По вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, со која тој најави ревидирање на игрите на среќа, ние од Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија (АСОМ) сакаме да го поздравиме пристапот на новата Влада и воедно порачуваме дека сите членки на АСОМ се легитимни претставници на индустријата, кои во нитеден момент не смее да бидат исклучени од процесот на одлучување или менување на Законот за игрите на среќа, велат од АСОМ.

„Како приредувачи на игри на среќа секогаш дејствуваме конструктивно со низа аргументи и предлози за унапредување на сите аспекти од работењето на индустријата. Затоа очекуваме и конструктивна соработка со новата Влада, која ќе биде во интерес на сите фактори. Како што најави и премиерот Мицкоски, потребно е целосно преиспитување и ревидирање на досегашниот пристап со цел да се дојде до сеопфатно законско решение, кое ќе биде поправедно како за граѓаните така и за приредувачите на игри на среќа, но и за нивните вработени“, додаваат од АСОМ.

Порачуваат да не се направи истата грешка како претходно.

„Повикуваме на конструктивна соработка со новата Влада во интерес на граѓаните, но и на нашите вработени и воедно потсетуваме дека од оваа гранка живеат повеќе од 10.000 вработени, а над 54.000 индиректно го остваруваат својот приход од игрите на среќа. Индустријата за игри на среќа е сериозна стопанска гранка, од која во буџетската каса по сите основи се слеваат повеќе од 280 милиони евра и затоа, заедно со новата Влада, треба да работиме партнерски за да се превенира злоупотребата на игрите на среќа и да се изнајде европско решение и квалитетен закон со кој ќе се постигнат низа позитивни промени и ќе се унапреди индустријата“, завршуваат од АСОМ.

Слични Објави