| |

Авторитаризам, геополитика и малите нации

Владимир Перев

1. 
Крајот на Втората светска војна донесе промени во светските видувања на политиката, како во позициите на обичниот човек, така и во неговите видувања на светските лидери. Привидот на “единство меѓу големите и малите, меѓу богатите и сиромашните“ доведе до привид на демократија во која сите ние сме исти, еднакви, со еднакви права и задолженија, кои ние по малите, најчесто мислиме дека не сме должни да ги исполнуваме. Потоа дојде “крајот на историјата“ и едно летаргично време на благосостојба, чиј главен навидум “спореден“ продукт, стана восхитот од силни и цврсти лидери, вешти манипулатори и насилници,  без елементарна емпатија кон другите. Сите ги следевме традициите; ние се воодушевувавме од Тито ( а некои и од Кралот Александар), советите живееја со духот и “величието“ на Сталин, кинезите со Мао а некои се вратија кон старите љубови како Наполеон и слично. Се развиваа “демократски“ теории дека тие држави, како Русија, Кина, Шпанија, Италија и другите големи земји не может да опстојат без “цврста рака“, додека пак умрените и убиени нивни граѓани, се само колатерална штета на олтарот на величието на нацијата. “Да се биде голем и насилен и да се спаси државата и нацијата“, беше новото мото на владетелите, па така се родија Путин, но и малите бедни имитатори како Слободан Милошевиќ и денешните сенки на “славните и силните“ – Александар Вучиќ, нашите Христијан Мицкоски и Никола Груевски. Така се појавија Орбан, Фицо…

2. 
Македонија „немаше“ свои историски традиции на силни луѓе. Ние се трудевме да се угледаме на западниот “демократски“ свет, не разбирајќи дека во тој свет беше и еден Франциско Франко и Антониу Салазар, како неодвојив дел од Западната цивилизација. Системот на образование, наполно подреден на Белград и комунистичкиот прочит на историјата, со тек на времето не доведе во ситуација да заборавиме на херојските традиции на Илинден 1903 и Востанието, додека пак за Вториот Илинден 1944 година се даваа обемни и невоспитани антибугарски изјави. Така беше и за Првиот од 1903 година, прославата беше во  почит на паднатите херои и Слободата, но најмногу за тоа како “сме сакале да правиме своја држава, ама Бугарија ја фалсификува нашата историја и од “нашите“револуционерите прави бугари. Нашиот единствен пример на “силен, ама и лукав“ водач беше и остана, сатрапот и тиранинот Јосип Броз Тито. Македонските патриоти, со бугарска самосвест ги “залеаја“ титовите затвори, за потоа, некаде по 1955 година да излезат од затворите како подостарени, но никогаш скршени луге. Некои од првиот “талас“ останаа долго, како Стефан Кузманов од Битола кој осуден на 15 години, помина во затвор цели 13 години, како и непомирливиот д-р Асен Татарчев кој беше пуштен од затвор во 1952 година за до крајот на својот живот 1970 г., да остане доследен на бугарските идеали на ВМРО. Некои беа повратници, судени за истата идеја по неколку пати, како Михаило Михаилов од Прилеп и Панде Ефтимов од Претор. 

3. 
Омразата на македонската политика и дел од јавноста сега е насочена кон актуелното бугарско раководство. Бидуваат обвинувани за сѐ и сешто, најчесто како кочничари на македонскиот пат кон институциите на Европа, обвинувања зачинети од опсаноста од бугарски национализам, шовинизам, па и некаков нов вид “наследен фашизам“. Се бараат решенија, не за тоа како РСМ ќе ги стави бугарите во Уставот и ќе ги отвори преговорите, туку да се најдат решенија со кои Бугарија ќе биде принудена да ја тргне таа позиција од Францускиот предлог, да ги отвори преговорите, па соодветно на тоа и понижена на некој начин, како оговорност за нејзиниот “наследен фашизам“. Преднамерено се заборава дека зборот “фашизам“ денес во Европа е заборавен и нема никакво значење, како што зборот “нацизам“ ја загуби својата онтолошка смисла, по нападот на Путин врз Украина и неговите квалификации за украинскиот народ и раководство. 

4. 
Авторитаризмот на Мицкоски и групата околу него не знае за граници; го девалвираат и навредуваат правосудството, ги корумпираат интелектуалците како и ноителите на јавни функции, ги подриваат меѓуетничките односи. Основната цел е да бидат пренебрегнати прифатените меѓународни договори и Бугарија да биде ставена во ситуација во која нема да може да решава ништо, да биде принудена да прифати решенија на американската “булдожер“ дипломатија, па и на ЕС и нејзината бесконфликтна идеологија. Во сето тоа како на сојузник се гледа милитаризираната белградска солдатеска и лично Вучиќ како претставник на “српскиот свет“ и мрачните идеолошко финансиски врски на олигарсите низ Европа поврзани со Белград и Москва. Македонските бугари, како и обично, никој не ги прашува за ништо. Едноставно, на политичката и етничка карта на македонската авторитарна антибугарска/србоманска свест, тие “не постојат“. Постојат само записи од 2022 година за некакви нивни “бесцелни прошетки Софија кај бугарското раководство“, зачинети со бескрајни иронизирања за темата и учесниците.  

5. 
Македонскиот авторитаризам на Груевски и Мицкоски, (пред нив и Киро Глигоров и Бранко Црвенковски), треба да се научи да ги слуша “гласовите на историјата“ во времето кое доаѓа. Од таа 2022 година до денес, македонските бугари имаат формирано културни/национални здруженија, неколку подкасти и еден портал. Македонската држава може да ги укине или замолчи, но тогаш ќе се појават нови опасности. Од моментот кога делегацијата на македонските бугари, седна на маса со президентот Румен Радев, тие ја добија својата активна и пасивна политичка легитимација во бугарското општество, прв пат по кобната и превратна 1934 година. Така, македонските бугари стануваат политички фактор во решавањето на нивната судбина и македонската власт треба тоа да го има предвид. Стерилни се напорите за некаква пасивизација на бугарската политика во телата ЕС, ако за тоа не се консултирани мекедоно-бугарските организации. Така, премиерот Мицковски на неговиот омилен речник на “глодари“, “општествен талог“ и слични навредливи изреки, ќе треба да ја додаде и одамна напуштената омилена изрека на Тито и Лазо Колишевски – “внатрешен непријател“. Само така, во координација со организациите и поединци овде, може да се отвори патот за соработка со бугарската политика. Сѐ друго се само напори на бизнисмени и олигарси со бугарски пасоши, кои таму пеат бугарски а овде македонски песни на бескрајните кафеански седенки. Корупцијата кај двете дежави не треба да се споменува, посебно РСМ која е вечна е тема на европските институции. 

Јасните и цврсти позиции на бугарскиот Парламент по однос на правата на македонските бугари, на македонската политичка сцена ги внесоа и бугарските организации во Македонија. Тоа е лекција на темата “геополитика“ и малите нации како нашата, ќе треба да ги прилагодат автократските амбиции на нивните лидери, со реалната состојба. Нашите права, организациони, политички, етнички, па ако сакате и финасиски, ќе треба да бидат потврдени од македонската држава. 

Христијан Мицкоски и македонската политика со тоа ќе треба да се сообразат. Во противен случај, навистина “ќе чекаме и децении, ама не виткаме ‘рбет“, како што вели Премиерот…

Па, да се подготвиме за чекање, или…

Слични Објави