Бавно тече судењето за прислушувањето: Трпков останува судија, па даде нова пауза
Неосновано е барањето за изземање на судијата Илија Трпков од случајот „Таргет-тврдина“, одлучи претседателот на судот, Иван Џолев. Одлуката е донесена по барањето на адвокатот Љупчо Шврговски, кој се сомневаше во објективноста на Трпков бидејќи претходно тој одлучувал и по однос на определување мерка притвор за обвинетиот Тони Јакимовски. Сепак, Џолев, смета дека простор за сомнеж во објективноста на судијата.
На рочиштето, судијата собра лични податоци од обвинетите, што е редовна судска пракса кога започнува повторено судење. Потоа, даде нова пауза. Овојпат, поради тоа што адвокатот Шврговски кој бараше изземање на Трпков, има обврски во Апелациониот суд. Рочиштето ќе треба да продолжи за еден час.
Кривичниот суд веќе се изјасни дека судењето ќе го стави на брза трака. Вчера и денеска се одржуваат првите две рочишта, кои течат споро. На претходното судење, судот испратил покана, но не и наредба за спровод на обвинетиот Јакимовски. Неговото отсуство го одложи рочиштето.
На денешното судење, Шврговски побара изземање на Трпков, за кого кажа, дека се сомнева во неговата пристрасност.
Предметот „Таргет – Тврдина“ е на пат да застари, а одговорност за масовното прислушување да нема. За делата на Мијалков и другите обвинети да не застарат, правниците сметаат дека е важен секој ден оти се пред застарување. Предметот е обемен, а пред пресудата да биде укината, процесот од првото судење до одлуката на Апелација траеше пет години.
Ако динамиката тече исто како и претходно, а делата на обвинетите им застаруваат во 2025 година, односно за две години, тогаш пресметките покажуваат дека е невозможно да се дочека одговорност за масовното прислушување.
Застарувањето на делата за Мијалков и другите обвинети за прислушувањето ќе значи дека државата ќе треба да им плаќа отштета на сите незаконски прислушувани граѓани. Ова е трето по ред прислушување, кое е на пат да остане неказнето.
Претходно, Кривичниот суд донесе осудителна пресуда, а Апелација ја укина. Образложението зошто предметот треба да се суди одново е дадено на седум страници. Меѓу другото, главната забелешка била што во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и другите се прогласени за виновни. Апелација бара и да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.
Апелациските судии Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева го држеа предметот една година и 10 месеци. Доколку не го вратеа предметот на повторно судење, а со преотворање на главната расправа и повторен главен претрес можеа да пресечат дали обвинетите се виновни или не. А потоа ќе се произнесеше Врховниот суд.

