БЕГАМЕ НА ИНТЕРНЕТ ВО ПОТРАГА ПО СЛОБОДА

/

Замислете, патувате во нов град. Не знаете никого, и никој не ве познава вас. Слободни сте да направите што сакате или да одите каде сакате или да разговарате со кого сакате, или пак воопшто да не проговорите ни збор. Како се чувстувате? Дали можеби се чувствувате слободни од пресудите и надзорот од кругот на познаници и соработници? Можеби се чувствувате исполнети со елан да ја искористите оваа можност и да го доживеете животот под ваши услови, токму како што сте сонувале?

Она што го доживувате кога го посетувате градот од измислената ситуација е анонимноста: таа е социо-културен феномен што всушност претставува комбинација од приватност и слобода. Зборот „анонимност“ има грчко потекло и значи „без име“. Таа е уникатно човечко психолошко искуство што подразбира дека сите ние имаме внатрешен идентитет што треба да му го покажеме на светот, но под строго одредени околности што го исклучуваат надворешниот идентитет. Токму оттука произлегува онаа олеснувачка состојба на ослободеност од товарот на препознавањето, судењето и покажувањето со прст. Многумина и со право чувствуваат дека под закрила на псевдонимите, аватарите и корисничките имиња, ние бегаме на интернет во потрага по слобода.

Ова „бегање на интернет по слобода“ ни овозможува токму под наметката на анонимноста да пробаме нови работи или да искажеме идеи без да бидеме осудени. Анонимноста помага  подобро да управуваме со конкретни сфери од наштиот живот, да решиме одредени проблеми и при тоа да избегнеме одредени несакани обврски поради одвоената природа на интернетот.

За жал, луѓето имаат тенденција да размислуваат за сајбер-просторот како некој вид имагинарен простор без вистински граници, простор што не треба да се сфати премногу сериозно, кој не подлежи на истите правила и стандарди како „вистинскиот“ свет. За само неколку години, нивото на удобност на луѓето на интернет се зголеми до точка каде што размената на информации може да биде невнимателна или небрежна. Анонимноста не е параван за неказнивост од повреда, навредув или омаловажување на другите корисници.

Денес е многу потешко да се биде анонимен отколку што беше пред 20 години, барем под лупата на најголемите компании и владата сè уште сме голи. Рекламни компании ги следат вашите интернет навики преку уредите кои секојдневно ги користите – телефон, таблет, лаптоп – знаат каде вообичаено одите, каде купувате и какви веб-страници посетувате, и затоа се зголемува контроверзноста на тоа што треба да им биде дозволено на интернет-компаниите да следат, а особено какви податоци за вас смеат да продаваат на трети лица.



Сите ние треба да зачуваме приватен простор каде што нашите најдлабоки соништа и најтемните фантазии се скриени од други луѓе, каде ќе се развиваме како луѓе, ќе испробуваме различни идеи. Но, правилата не смеат да се менуваат само поради анонимноста на интернетот.



Претходна статија

СОСТОЈКА ВО ПАСТИТЕ ЗА ЗАБИ ПРЕДИЗВИКУВА ДИЈАБЕТЕС ТИП 2

Следна статија

МАЛКУ ПОЗНАТИ ФАКТИ ЗА „ПОСЛЕДНАТА ВЕЧЕРА“ НА ДА ВИНЧИ

Најново од Магазин