| |

Белград- неотсонуваната слобода

Пишува: Владимир Перев

Белград е еден од најубавите градови на светот. Расположен на устието на две реки, сместен на брда и ридови, како Рим на седумте ридови, тој е сончев, чист и секогаш со раширени раце кон новодојдените. Огромен лонец на народи, пред сѐ на ексјугословенските, лонец кој сите ги впива, ги трансформира и прави од нив некаква белградска нација, недефинирана по своите транснационални особености, но затоа многу српска, нација со многу српски обележја. Белград е богат град, но не треба да се заборави на ироничната српска изрека од минатото време: “Југославија ради, Београд се гради“. Тоа би бил и делимичен одговор на проблемот со богатството на градот.

Во Белград и Србија може да се чувствуваш удобно само ако си србин или жител кој ја прифатил српската себеидентификација. Ако не си тој, нема помин за тебе. Овде хрватите тешко поминуваат, до сега и со унгарците имаше проблеми, но председателот Вучиќ ги реши проблемите со својот колега и идол Орбан, па “српскиот свет“ може да живее во илузијата дека нема никави српско-унгарски проблеми.

Бугарите во Србија живеат тешко. Дури и пројавената квазидемократска политика на властите во Србија, не може да ја прикрие отворената харанга која се води против бугарското малцинство. Таа пропаганда се појавува циклично и ја одразува психичката состојба на поголемиот дел од граѓаните на Србија, кога бугарите се во прашање. Прикажувањето на бугарите на историски план како ѕверови, сега се мултиплицира и во секојдневаните контакти со белграѓани, или воопшто со српскиот народ. Тоа е тешкото наследство на националистичката српска политика на Балканот, која тешко ќе се преодолее во блиска иднина.

Авторот на текстот со бугарскиот амбасадор во Белград г-н Петко Дојков, во резиденцијата на амбасадата.

Демографската статистика говори лошо за Србија и за односот кон националните малцинства. Во 2022 година бугари во Србија имало 12.918, југословени 27.143, македонци 14.767, останати 21. 643.
Во 2011 година во Белград имало 18.543 бугари, а југословени 23.303 жители. Интересно е дека во Димитровград/Цариброд национално не се изјасниле 1.537 души, што говори за своевиден притисок врз оние кои би требало да се изјаснат како бугари таму, бидејќи тие се основната национална заедница во Димитровград.

Во Војводина ситуацијата е уште по сериозна. таму воопшто не се изјасниле национално 70.339 души, а како непознати фигурира фрапантна бројка од 73.433 души. Во Војводина бугари има насекаде, во Сомбор, Ковин, Врбас, Рума, Суботица, Стара Пазова, Зрењанин, Бело Блато, Вршац, Јаша Томиќ и на други места.

Тоа би значело дека за период од десет години, меѓу два пописи, Србија загубила во бројноста околу 5 илјади бугари. Постои и страв од изјаснување. Постарите луѓе се задоволни и согласни ако попишувачот им каже дека за “ова нешто, не се дожни да се изјаснат“…просто, не сакаат да се изјаснат за да немаат непотребни проблеми. Вкупно се околу13.000 бугари, но во скриените вредности неискажани при пописот, или попишани како неизјаснети или југословени, се крие разликата од 5 илјади, значи секако би требало да се стигне до бројка од 17-18 илјади.
Стивната е кампањата против унгарците и Орбан. Сега ситуацијата е по мирна. Се претставуваат како пријатели. За српскиот свет е важно да има држави кои не го признаваат Косово, па затоа унгарците ги имаат сите привилегии во купување имоти. Да, сега има финансова и економска база, ама нема луѓе…тоа е проблемот. Околу Зрењанин, Бело Блато и Старчево, селата се испразнети, економијата удира по сите рамноправно.

Во топло, врело претпладне се упатувам кон село Иваново, во близина на Панчево. Тоа е најпознатото село на бугарите во Војводина, кои тука се заселиле пред повеќе од два века. Владее летен мир и тишина, целосна толеранција. Секој си го уредува двориштето и секој си ја коси тревата пред домот.

Бугарите се заселени во Војводина како продукт на неуспешното Чипровско востание од 1688 година. подигнато е во селото Чипровци во Бугарија, за ослободување од Османското иго. Го подигаат бугарите католици предводени од епископите Петар Парчевич, Петар Богдан и Франческо Смојмирович. Неуспехот на востанието и погромот кој тогаш го вршат Османлиите врз населението, прави вистински национален егзодус. Над 5000 бугари-католици заминуваат кон Влашко, за некои од нив да се вратат во Банат, чии потомци се денес бугарите во Иваново. Во српските поимања за нации, Банатските бугари се “други“ бугари, па односот кон нив секогаш бил и по мек, а тие и самите биле малубројни, па не биле никаква опасност за српската нација.
Разговарам со директор на домот на култура, Марко Гуран. Тука е и Клара Марков, родена Чокан, Тереза Калапиш, и други присутни. Сите говорат павлиќански и српски, ама одлично се разбираме, барем мислам на себе си.

Учесниците во разговорот во културниот дом.


Павликијаните, се срцевината на бугарската кауза во Војводина. Трудољубиви се, релативно со солидна материјана подлога, па во нивното општество нема класично сиромашни луѓе.
Павликијанството е дуалистично христијанско-еретичко верување, кое имало голем замав околу 10-11-от век на азиско-византиските пространства. Павликијаните биле воинствени, биле дојдени да ја бранат византиската граница од бугарските напади, но тие брзо се свртела на страната на Бугарија, станале сојузници и заедно ја напаѓале Византија. Останале сконцентрирани во компактна целина во северозападна Бугарија, примиле рано католицизам и го задржале сопственото себепрепознавање како бугари, Павликијанството се смета како израз на некакво манихејство, ама банатските бугари остануваат по вероисповед католици, пишуваат на латиница, имаат сопствен јазик, близок до архаичните бугарски говори, а лексиката им е преполна со унгарски, романски, српски и германски изрази. Павликијанските бугари се едно затворено, капсулирано општество, каде си го запазиле својот изворен јазик, оддалечен од бугарскиот, но со јасна бугарска основа. Интересно ми беше дека јас како македонец многу полесно го разбирав нивниот бугарски-павликијански јазик, отколку некои од присутните бугари, родени и образовани низ бугарските факултети. Тие, банатските бугари, така капсулирани, поминале низ три империи -Османската, Австроунгарија, кралството Србија, за да опстојат со својата бугарска самосвест и во Титовата Југославија. Треба да се напомене дека во Иваново бугарскиот јазик не се знае, се говорело павликијански, ама сега и тоа замира.

Признаница што Бугарија ја дава за селото Иваново



Врските на Бугарија со Иваново и бугарите павликијанци започнуваат за време на деведесетите години, порано и не се знаело многу за нив. Треба да се напомене и тоа дека заради разбиеноста на бугарското општество низ местата во Војводина, објективно, бугарскиот јазик на може да се изучува, па тој се учи факултативно во некои училишта.
Последниот бугарски учител е Огњан Цветков, дојден од Бугарија во Србија, испратен од Министерството за образование, специјално во Иваново, како учител по бугарски јазик и фолклор. Останал овде, во овој мал банатски рај на тишината и мирот, па во моментот е претседател на едно бугарско здружение. Предава и онлајн бугарски јазик. Новинар е, па држи и предавања за Бугарија во емисијата “Б’лгарски рози“ на ТВ Панчево. Здружението на бугарите- павликијани се вика “Иваново-Банат“. Имало и друго здружение, “Иваново 1884“, но претседателот починал и сега нема дејност-нема луѓе. Во Панчево има 400-500 бугари, имаат друштво “Шопско оро“, но таму е друга работата, тие се други бугари. Тие се дојдени од Босилеградско, заради економски причини, и тоа во последниве 50 години. И тие слабо го учат бугарскиот јазик, не се заинтересирани, а нема иницијатива од бугарската држава да се просветат. Работата останува на песни, ора и игри…познати нешта за нашиот патриотизам!

Иваново прво било павлиќијанско село, потоа дошле унгарците во 1883, од Ердељ, Буковина. Дошле како “кубикаши“, луѓе кои требало да го градат насипот на Дунав. Тогаш секој бугарски плац бил поделен на пола, за и унгарците да го добијат својот дел, па од 28 ари, колку што имал секој бугарин, плацот бил поделен на две, за секој да добие 14 ари, (Во Војводина еден Ланац земја е како едно Јутро, зависи од терминот, а тоа е 57, 56 ари. Ланац и 3/4 прави еден хектар.) И покрај сѐ, денес меѓу унгарците и бугарите односите се добри. Поголемиот дел од постарите знаеле унгарски, денес помладата генерација слабо го говори.
Клара иронично ми вели дека овде сите сме се посрбиле, не говориме павлиќански, сакаме да бидеме учтиви, но јас инсистирам на “палќански“, а мојата снаа, босанка, ме тера со децата да говорам палќански, за јазикот да не се изгуби.
Овде ние павлиќаните, вели Клара, горди сме на тоа што живееме овде, богати сме, ги почитуваме сите, сите нас нѐ почитуваат.


Никој никагаш не им рекол дека треба да се срби. Немало притисоци. Има и причини за тоа. Регионот на Панчево е специфичен, има многу национални малцинства, Панчево се гордее со нив и никогаш не дава да се врши притисок за измена на нацијата. Старите жени- се мисли на србинките, говорат само бугарски, а псујат на маџарски…така им е најдобро и најјасно. Принципно, секогаш сме биле најблиски со србите. Како нив, и ние сме биле и со партизаните, а и со германците во војните.

Павлиќаните се лојално население, плаќаат данок, одат во војска, никому не должат ништо, ама најгорди се дека се бугари. Никој не ни забранил ништо, велат. Тие никогаш не побарале никаква помош од бугарската држава.
Од 2000 година, од кога почнавме да се изјаснуваме како бугари, вели Марко, почнавме да земаме пасоши и да ги преќаме децата во Бугарија на студии. Ние сме малку и се топиме во средината. Ако овде имаше германки, тие ќе ни беа жени, ние сме добри со сите. Сите наши снаи говорат павликијански, ама сите знаат повеќе јазици. Контакти со бугарите-павлиќани од Вардарски Ѓерам, општина Бела Слатина во Бугарија, имаме од 1974 године, а и нешто пред тоа. Контактите беа на секои две години, а подоцна имавме контакти и со павлиќаните во Романија.
Контактите прекинуваат малку пред распадот на СФРЈ, за да се обноват околу 2000 година. Општина Панчево нѐ поддржува, а првата помош доаѓа некаде по 2001 година. Првите стипендијанти се од 1997 година на факултетот во Пловдив. Првите проекти за помош почнуваат од моментот кога Бугарија влегува во ЕС, со фондови од МНР на БГ. Се испраќаат и деца одовде да одат на море во Бугарија или по планинските летувалишта. Најчесто станува збор и за оние кои се во фолклорните друштва.

Од 2019 година има инвестициона помош од фондовите на МНР на Бугарија во Иваново. Во 2021 година има помош за културен дом, библиотека, како и за основното училиште, Тие институции се сопственост на српската држава, а во културниот дом и училиштето, учат и се дружат сите деца на малцинствата. Градот Панчево нѐ поддржува, се ствара нова енергија на меѓусебна толеранција. Потенцираме дека само бугарска држава е единствената држава која вложува во сите малцинства кои живеат заедно со нас бугарите, другите држави даваат само за своите малцинства.
Сакаме да имаме бугарско државјанство и пасоши, ми велат во еден глас. Тој проблем е тежок. Процедурата трае долго, административните пречки и обврски се тешки, финансиски исцрпителни, со неизвесен конечен резултат. Срамотно е, како целиот свет овде, и србите и унгарците, и словаците и сите други, нас не знаат како бугари, ние како такви сме се претставувале со стотини години, за сега некаков административец во Бугарија да не може да не препознае како такви.
До сега никој од Иваново не бил одбиен за бугарско државјанство. Марко добил пасош 2008, после четири години чекање. И таму одела работата со посредник, кој ги водел директно во Бугарија пред институциите. Ама, времето се оддолжило, многу се чека. Амбасадата се вклучила релативно касно.

Потенцираат дека унгарски пасош може да добие секој кој живеел оде до 1920 године, но треба да ја знае химната, јазикот и да има елементарни документи. Процедурата трае најмногу шест месеци. Не може да се лаже, ако си во Унгарија, а имаш унгарски пасош, дожен си да говориш унгарски. Ако не знаеш да контактираш на унгарски со официјалните лица, пасошот ти се одзема на лице место.

Авторот на текстот со директорката на училиштето во Иваново и директорот на КИЦ.



Денес, павлиќијанскиот бугарски јазик и нивното писмо се признати како дел од бугарската јазична норма. Тука нема проблеми. Проблемот лежи во институциите во Софија, кои не се интересираат да ги вклопат своите Банатски бугари во општествените тековини.
Ние овде секогаш сме биле проевропски ориентирани, ми вели Марко. Еден ден ќе паднат барикадите и за Србија и ние ќе ја добиеме својата европска иднина, но сега би требало, во овој момент, Бугарија да покаже разбирање за нас и да ни овозможи олеснета процедура за добивање бугарско државјанство. Тоа би требало да е долг на Бугарија кон нас, нејзините одамна заборавени чеда.

Денот стивнува, почнува топлата банатска квечерина. Срдечно се разделуваме. Клара, секогаш расположена за некоја поостра шега вели: треба да се знае дека, кога овде се закопуваат бугарите, само на нивниот гроб се фрла една лопата земја повеќе отколку на сите други малцинства…бугарите овде секогаш се гладни за земја и коњи!
Да Клара, така е, но вашите млади се “гладни“ и за својата европска иднина…заборави ли Софија како е да се биде “гладен“ за европска иднина!?

Слични Објави