ПОЛИТИЧКА ТРАГИ-КОМЕДИЈА

Гледам и не можам да се изначудам на безобразието и дрскоста со која нашите врвни политичари си играат мајтап со граѓаните, нивното достоинство и свест. Не дека вака не беше и порано, ама и покрај тоа што знаат дека се прочитани – тие и натаму тоа упорно го прават. Најнапред, крајно безобразно и понижувачки, ДПМНЕ и ДУИ рекоа дека сега пред избори не е време за промена на изборниот модел и воведување на отворени листи.

Знаевме дека тоа нема да го дозволат, ама барем можеа да смислат поинтелегентно образложение. Најголемите закони во државата сега можат итно да ги донесат за еден-два дена, вкупно 123, а за најважната промена за воведување на вистинската демократија во Македонија отворените листи – нема време. Уште една потврда дека мафијата во ДПМНЕ и ДУИ нема да се откаже од своите тезги во нашата политика, и дека ние треба да ги „исчистиме“ на следните избори – со гласање за партиите кои нудат отворени листи. И што гледаме сега, траги-комедија на нашата политичка сцена, класична демонстрација на тоа што ни нудат затворените изборни листи – лидерска тортура и диктатура.

Ние граѓаните сме во позиција на публика во едно реалити шоу, каде што никој не не прашува за ништо, само седиме од страна и фаќаме сеир, додека тие во шоуто, за добри пари, глумат лудило и се трудат да ги освојат нашите симпатии, кој ќе биде позабавен тој ќе добие повисока цена и ќе заработи повеќе пари, наши пари. Тоа што ДПМНЕ на изборите гледа како сламка за спас на криминалците од судските процеси, и што СДСМ сака да се заврши нивната тежина на совеста што го сменија името на Македонија – донекаде и да се разбере.

Ама начинот на кој се бираат кандидатите за технички премиер, министри и нивни заменици – е неприфатливо за умните и достоинствени граѓани. Технички премиер бира Заев, чиј Централен Комитет на СДСМ е избран од него и е под негова контрола, и си го поставува нејлојалниот човек – Спасовски. Дали беа прашани граѓаните дали тие сакаат Спасовски да биде технички премиер? За вицепремиер за економски прашања се поставува досегашниот министар за труд и социјала Царовска. Дали таа преку ноќ стана експерт за економски прашања, или ќе седи на таа фотеља само затоа што му е максимално лојална на Заев? Во ДПМНЕ е уште потрегично, за нов министер за внатрешни работи предлагаат воено лице, кое пак, покрај тоа што нема никакво политичко искуство, уште го крши и уставот затоа што војно лице не смее да биде министер за внатрешни работи.

Демек, покрај толку правници советници на Мицковски, како им се протнала таква грешка? Па јасно како ден е дека воопшто не е важна стручноста или искуството во политиката на новиот кандидат, тоа што го мислат граѓаните за него, што тој ќе им вети за својот избор и дали тие му веруваат, единствено важно е дали тој е крајно лојален на Мицковски, да ги извршува беспоговорно сите негови наредби, да е доволно луд, глупав и суров и да гази преку живи луѓе, бркајќи ги СДСМ-овските и поставувајќи ДПМНЕ-овски партиски војници на нивните места – само да се ситат политичките лудаци и ѕверови во ДПМНЕ !

И ние сега само седиме, сето ова молчешкум го гледаме и фаќаме сеир, прогнозираме како во кладилница кој ќе биде изборот и која ќе биде следната глупост, како да не се работи за решавање на нашите судбини и иднината на нашите деца и државата. Ставени сме во тотално пасивна и немоќна позиција за било што да кажеме и да влијаеме на политичките случувања во Македонија, кои директно се однесуваат на нас и на нашите пари, пред се. И зошто е тоа така – заради изборниот систем со затворени листи, каде целата изборна и влијателна моќ од кај граѓаните е ставена во рацете на лидерите на партиите, и сега ДПМНЕ и ДУИ тоа никако не сакаат да го вратат таму каде што вистински припаѓа, по сите божји закони – во рацете на граѓаните, со воведување на отворените изборни листи.

Луѓе, сметам дека навистина е доста ! Ни ја направија претставата што ја знаевме и очекувавме, као – СДСМ и помалите партии се ЗА ама ДПМНЕ и ДУИ Против, се направи, као, јавна дебата за промена на изборниот модел, како алиби дека еве СДСМ и пратеничката група пробале, ама ДПМНЕ и ДУИ се лошите, и нема што друго да прават. Ама нудат промена од шест во една изборна единица, што е во интерес на партиите, а не запнуваат за отворените листи – кои се од пресудно значење за граѓаните. А ако сакаа имаа механизми и можеа многу посилно да притиснат за оваа пресудна промена за граѓаните и воведување на отворените листи.

Затоа, пријатели, гледајте го уште малку ова реално шоу кој ни го приредуваат нашите душмани во партиите на власт и во опозиција, а на изборите гласајте за малите партии кои нудат итно воведување на отворени листи. Лажат поголемите дека веднаш по изборите ќе почне дискусија за промена на изборниот закон за отворени листи, тоа е класично: мижи Асан да ти бајам. Јасно е дека по изборите „ќе има поприоритетни работи, НАТО, ЕУ, реформи и т.н.“, важно е некако само да го преживеат овој момент и да „дојдат на власт“.

Автор: Елизабета Најдоска Величкова