| | |

Сите разбирачи топтан во бродот-полетувате од Ќустендил

Пишува: Атанас Величков

Бугарија за разлика од РС Македонија може да се пофали дури со двајца астронаути кои биле дел од вселенски мисии. Првиот е генерал лејтенант Георги Иванов, член на тимот на вселенскиот брод „Сојуз 33“ во 1979 г, а вториот е генерал мајор Александар Александров, кој во 1988 г. е дел од мисијата на вселенскиот брод „Сојуз ТМ-5“. Како што можете да забележите овие успеси на бугарската астронаутика се случиле во времето кога Југославија била „треча светска сила“, а Бугарија само што не станала „16-та советска република“. Краткото инфо на почетокот е потребно не за да звучи како пофалба за поранешниот комунистички систем во Бугарија, туку за да внесе малку сериозност, покрај шегите на разно разни носени и недоносени неуспешни потомци на познати родители, дедовци и баби и потполно непознати носачи на „остроумни“ прекари во простачкиот дел од виртуелниот свет, каде што влезот, за секакви будали е потполно слободен.

РС Македонија има потреба од свој реализиран и испратен во вселената астронаут, баш поради фактот што Бугарија има двајца такви, но тоа е тема, што во моментот не е приоритет.

Шоуменот Слави Трифонов, чија партија „Има таков народ“ победи на последните избори за парламент во Бугарија, предизвика бура од мемиња, откако соопшти дека еден од приоритетите на неговиот владин кабинет, ќе биде испраќањето на астронаут од РС Македонија во заедничка мисија со двајца бугарски астронаути.

Поранешниот амбасадор на РМ во Бугарија проф. Ѓорѓи Спасов ја разбра скриената порака на Трифонов со астронаутите и повика бугарскиот шоумен да не биде сфаќан сериозно. Така е најлесно, откако некој што го мислиш за поглуп од тебе, ќе ти ги пикне пред нос, твоите покакани гаќи, немој ни на крај памет да го сфаќаш сериозно.

Победникот на изборите, кај „заглавените“ во 19-тиот век Бугари им ја фрли ракавицата на „прогресивните“ Македонци од 21-виот век, со предлог да ги лансира директ во 22-иот, преку програма на НАСА. Иронично до коскената срж, на модерниот македонизам, познат по својата надменост, посебно кога се работи за источните соседи.

Сите оние што пиштеа за „заостанатоста“ на бугарските барања кон естаблишментот на РС Македонија, сега играат мајтап со самите себе, бидејќи „астронаутските“ истории на Трифонов се насочени токму кон нив. Толку смешни изгледаа од страна сите експерти, аналитичари, колумнисти и разбирачи од геополитика, додека со југословенско-менторски занес солеа памет во своите писанија дека Бугарија треба конечно да го напушти 19-тиот и да зачекори прочистена од своето „санстефанско“ и „фашистичко“ минато во 21-виот век.

Еве ви го 21-виот век, дами и господа, не сакате да разговараме за комити, ќе разговараме за астронаути. Нема да го делиме мултиперспективно Самоил, туку ќе се чудиме од каде да најдеме финансии за заедничката космичка мисија.

Можеме дури да направиме комисија и за тоа. Да се испокараме внатре во неа, зошто бугарските астронаути се двајца (маж и жена), а „северномакедонскиот астронаут“ е само еден и притоа со недефиниран пол.

Потребни се креативни решенија… И се ќе си дојде на местото.

Многу малку веројатно е астронаутскиот приоритет на Трифонов да стане реалност, се разбира не поради фактот што РС Македонија не располага со кадар кој може да замине на вселенска мисија. Проблемот е во тоа што дури и предлог кабинетот на Слави да ја добие поддршката на Демократска Бугарија и бучкурушот од партија на Маја Манолова, повторно нема да има стабилно мнозинство истиот да истурка цел мандат.

По се изгледа, главен играч на бугарската политичка сцена ќе остане претседателот Румен Радев, кој исто како бугарските астронаути што ги спомнав на почетокот од моето писание е генерал од воздухопловните вооружени сили на Бугарија.

Радев за разлика од Трифонов треба да биде сфаќан сериозно.

Бугарскиот претседател јасно кажа дека рампата пред РС Македонија за почеток на преговорите со Европската унија, треба да биде крената од самиот политички и научен естаблишмент во Скопје. Тие многу добро знаат што треба да направат и токму тоа најмногу ги плаши. Мултиперспективноста и евтините финти нема да им помогнат. Очајните пораки за „неевропско“ однесување исто, затоа си велам, колку и смешен да им изгледа приоритетот на Трифонов за летање во вселената, со радост би се пријавиле сите топтан да се качат на бродот, па макар и истиот навистина да полетува од космичката станица во Ќустендил.

Слични Објави