| |

Македонците и Бугарите меѓу давањето, земањето и благодарноста

Пишува: Владимир Перев

1.
Работите обично почнуваат во семејството. Таму се учиме на дијалог, разногласие и единство во дејствијата…ако успееме да се обединиме. Бугарија беше вечната тема на нашите домашни седенки. Татко ми секогаш беше горд на своето бугарско воено и образовно минато, тврдеше дека на Бугарија и Царот им го должи својот успех во животот, но тврдеше дека и тој се оддолжил на достоен начин. Мајка ми ги одмолчуваше неговите пофалби кон земјата и Царот кои го примиле како прилепски егзархиски учител, емигрант во Софија во 1912 година и му дале воено образование. Таа, внука на писателот Јордан Бадев говореше дека Бугарија им донесла несреќи; Јордан Бадев убиен од комунистите во 1944 година, нејзиниот братучед Стефан Кузманов, член на групата “Илинден“ година политички затвореник во Идризово, осуден на 15 година, татко ми исто така затворан на 2,5 години (одлежал помалку) и конечно, двете заминувања на бугарската армија од Македонија, за кои таа сметаше дека се непростливи. Шеговита нотка во тие домашни надмудрувања, најчесто и пред гости-истомисленици, беше разговорот со прилепскиот текстилен трговец Јон Сапунџија, кој на прашањето кога најмногу заработил, како од пушка одговараше-во српско. Кога најмногу изгубил-во бугарско, гласеше одговорот. Па сега ти каде си, го прашуваа. Сите го знаеја одговорот на Јон-ние сме си бугари, одговараше тихо но убедливо. Потоа сите пееја “Покојници…“

2.
Да даваш и да земаш е вештина, може да е и корупција, а понекогаш и насилие. Уметност е да даваш, без да очекуваш јавна или било каква благодарност, но најголема уметност е да примиш и да покажеш благодарност на достоинствен начин. Ние македонците, а веројатно и некои од нашите соседи, па и другите, често гледаме отсуство на тоа достоинство во примањето и давањето. Нам секогаш кога ни земаат велиме дека било насилно, па макар да е тоа данокот кој сме должни да го платиме, а кога ни даваат, подарокот го примаме, секогаш сомневајќи се во племенитоста и добрите намери на тој што дава. Ако ни земаат “насила“, како што велиме, тогаш кога примаме зошто молчиме, за потоа да тврдиме дека секој подарок е “Данајски дар“… зошто воопшто го примаме.

3.
Во Албанија, општините најблиску до нас се меѓу најсиромашните, најнеразвиените. Тоа се однесува на Пустец, делови од Преспа, Глобочани и некои од Голо Брдо. Проблемите им се сериозни. Недостаток на средства, медицинска помош во лекови и услуги, лоша инфраструктура и ред други проблеми. Фондацијата “Бугарска меморија“ со години дејствува во овие предели, финансираше изградба на пат до селото Врбник, подари противпожарни и медицински возила во Мала Преспа, сега донираше модуларна амбуланта во село Глобочани, родното место на писателот Стерју Спасе, ред години организира бесплатни лекарски прегледи на населението и дели соодветни лекови, сето тоа без никаков надомест или барање за некакви возвратни услуги. Сум ги поминал тие предели, сум се сретнал со населението и слободно можам да кажам дека чувствуваат благодарност кон Фондацијата и јавно ја изразуваат…барем во разговори со мене.

4.
Политиката не мисли така. Таа се наложува да биде нашиот живот, но таа е само начин на живот и опстојување на дел од нас. Затое е и брутална, бескомпромисна и бесрамна. Друштвото “Преспа“, партијата “Македонска алијанса за европска интеграција“ и Македонско друштво „Илинден“ – Тирана, се појавија со своевидни реакции, од кои може да се извојат следниве пасажи: Управата на Општина Пустец во последниот и актуелниот мандат беше и останува сервилна кон бугарската пропаганда, пречекувајќи ги бугарските претставници кои со материјална помош за Општината Пустец, во областа Мала Преспа, се обидуваат да го одродат македонското население и да го прикажат како Бугари во Република Албанија…на градоначалникот Колефски „не му е јасна оваа антимакедонска мисија на бугарските фондации, која не е подобрувањето на благосостојбата на жителите“…недозволиво  Македонците во Република Албанија да бидат изложени на манипулации и притисоци од фондации со скриени политички мотиви…Свесни сме и за тоа дека бугарската агресивност кон нас Македонците, кои не сакаме да газиме по сопственото македонско чувство, треба да ја запрат само институциите на државата во која живееме, Република Албанија – посочува друштвото.

4.
Нема ништо ново во овие изјави. На сите им е јасна реалната ситуација. Македонците во Албанија се политички организирани од структури во РСМ, а етнички се чувствуваат бугари, онакви какви што биле нивните претци. За нив поимот “македонец“ има значение на неослободен бугарин, или така некако, близу до тоа поимање. Политиката бара продолжување на своите идеи со сила-бара вмешување на албанската држава и заговара погром на бугарите во Албанија. Се бара насилно да се спроведе процес на насилна дебугаризација, нешто слично како во Македонија од Титовото време. Таквото државно насилие се бара од албанската држава, да биде применето врз оној дел од населението, кој уште од времето на Зогу, па и на Енвер Хоџа, имале право да ја истакнат својата етничка припадност. Во таа своја намера, со широка рака и со големи симпатии, македонистичките организации и партии, се поддржани од некои македонски структури. Македонија тука унисоно работи со албанските македонистички антибугарски структури, така што и на Претседателот на Фондацијата “Бугарска памет“ д-р Милен Врабевски, пред една година му беше забранет влез во Македонија…човекот сакаше да дојде на панахида во Струмица на гробовите на паднатите во Првата светска војна. Гробишта кои тој ги обновил, со сопствени средства, гробишта каде има покојници од целата наша Македонија, паднати како бугарски воини во војната.

5.
Рековме, земањето може да е и насилие, но давањето и примањето е уметност. Да ја добиваш сета таа помош досега, па твоите политичари да тврдат дека некој сака да ти ја промени етничката/националната свест е вистинско безобразие, бесрамност од најдолен вид. Па нека не стануваат бугари, никој не ги тера на сила. Мојата генерација во гимназијата имаше појадок од американските резерви во храна,месо и сирење, а таа практика на Универзитетот во Белград траеше сѐ до некаде 1967 година…па, станавме ли американци, не тераше ли некој? Ако ги гледате денешниве македонци и срби, ќе видите колку била залудна таа американска помош! Тоа е нашата благодарност за храната во сиромашните повоени години.

6.
Политичкиот кариеризам на македонистичките албански здруженија е само бледа реплика на антибугарската хистерија која со децении (и во моментов) се води во Македонија. Корените се истите, нарачателите се истите, но последиците се различни. Овде антибугарската хистерија е подржана и промовирана од власта, затоа и има определни успеси. Антибугаризмот во Албанија нема да може да мине. Таму е друга власт, други цели и други визии за иднината на албанскиот народ. Тоа е прашање кое е расчистено меѓу албанските и бугарските политички лидери.

7.
Настаните кои ќе следат се јасни. Фондацијата “Бугарска меморија“ ќе дава сѐ повеќе и повеќе помош, ќе има сѐ повеќе баратели на таа помош-медицинска, образовна, техничка и друга. Бугарската држава сѐ повеќе ќе пројавува интерес за своето население таму, а албанската држава веќе ги следи европските демократски теченија. Бугарите во Албанија веќе одбраа. На македонистичките националистички организации и партии им се ближи логичниот крај и нивното бавно гасење. Ќе биде како никогаш да ги немало.

8.
Фамилијарни надмудрувања на линијата бугари-македонци-албанци секогаш ќе има. Тие се гарантите на стабилниот, полн човечки и политички живот. Знам дека во блиска иднина, седнат некаде во Преспа, со чаша прекрасен албански фернет во рака, на зајдисонце, некој мој пријател, постар господин ќе ми ги повтори зборовите на прилепскиот текстилен трговец Јон – ние сме си бугари!

Слични Објави