| |

БЕЗНАДЕЖНИ ПРЕГОВОРИ

Седумчасовните тешки и напорни преговори во Софија меѓу владите на Македонија и Бугарија отворија нови дилеми и размисли за местото на двете држави во современиот политички и корпоративен свет. Преговорите во основа се неуспешни, отворените прашања не се затворени, нема поместување ни за милиметар, но крајот на преговорите отвори нови размисли. За прв пат во последните седумдесетина години македонската страна е во дефанзива, со одбрамбена позиција, додека пак бугарскта страна, студено и офанзивно ја еродира во секој миг нашата позиција. А само четириесетина години по рано, Крсте Црвенковски им држеше лекции „по историја и македонски идентитет“, на бугарските политичари. Но тогаш беше Југославија, Тито беше жив, а Бугарија „стенкаше“ под окупаторската чизма на азијатските совети, предводени од Бреженев. Тодор Живков молчеше а неговото спротиставување беше само на ниво на оправдување, дека тој не може поинаку. Сега ситуацијата се смени. Цели седум часа Каракачанов и Захариева ги атакуваа македонските позиции, а нашата страна се бранеше тихо, скромно и со само едно изречение составено од две волшебни думи без глагол- „нашиот идентитет“.


Според „протечени“ информации, за нашиот идентитет баш и немало многу заложби. Бујар Османи како културен човек се движел во рамките на возможното, оставајќи македонско-бугарските браќа (или братучеди, како сакате) самите меѓу себе да се расправаат, да бараат решение за сопствената добробит, паметно заклучувајќи дека албанскиот корпус на секаков начин ќе спечели нешто од „братоубиствената“ борба. Секако, поддржувајќи ја македонската страна. Од македонскиот корпус најжесток бранител бил нашиот министер за евроинтеграции Никола Димитров. Цели седум часа од неговата уста се слушале само зборовите „нашиот, мојот идентитет“ и слични нешта, непоткрепени со факти и документи предочени за одбрана на истиот тој идентитет. Во таква ситуација, понекогаш работите можат да излезат од контрола, па наместо документи, да се предоставуваат новинарски стати и книги. Така на масата се говорело и за книгата на таткото на Никола Димитров, познатиот македонски и ексјугословенски философ Димитар Димитров, кој во своите статии јасно пишува дека „ние Македонците не треба да се срамиме од своите бугарски етнички корени, туку напротив, треба да сме горди дека припаѓаме (или сме припаѓале) кон една држава и цивилизација со 1300 годишна традиција“. Така некако, со тие позиции и површен цитат, Каракачанов се спротиставувал на тезите на младиот Димитров за македонската „идентичност“, тврдејќи дека, за некои нешта во Македонија, Димитар Димитров бил и негов пример.


Во сенката на неуспехот на преговорите лежи и нејасната надеж на македонската страна дека со одолговлекување неказнето ќе се дочекаат изборите во Бугарија и дека од власт ќе паднат Борисов, Захариева и Каракачанов. Тоа е сметка без крчмар…никој во Бугарија не верува дека можат баш толку да изгубат на избори, а ако дојде другата партија, БСП, тогаш социјалистите, во единство со претседателот Румен Радев на Македонија ќе и раскажат таква приказна, што дури ни Русија ни Кина нема да можат да ни помагнат-ако воопшто и сакаат тоа да го направат.


Истовремено Бугарската академија на науките уште еднаш застана зад позициите на бугарската влада, па така сега, во овие моменти, одбраната на Македонија и македонизмот е составена од една булумента соросоидни платеници, добро образовани луѓе, но без морален кредибилитет во бугарското општество, а уште помалку во политиката на земјата.


Јасно е дека македонската страна нема нито да потпише, согласност нема да се постигне и сите ќе бидеме задоволни од покажаното херојство и патриотизам. Тоа е навидум добро, се додека на Балканите и Европа владе овој привиден мир. Ако само една пушка пукне на некој од грчките острови или на некоја од на, блиските азиски граници, Македонија ќе тргне по патот на гибелта…тогаш веќе нити некој ќе ни бара да отпишеме нешто, нити ќе има кој да потпише. Ние сѐ уште го бараме Тито, да не ни се случи во некои идни времиња некој наш потомок да ги бара Захариева и Каракачанов. Тоа ќе значи дека трагедијата веќе се случила.

Автор: Владо Перев



Слични Објави