БГНЕС: Бугарија си го кажа зборот, режимот на Орбан испадна во хистерија
Пропагандната медиумска мрежа на режимот на унгарскиот премиер Виктор Орбан започна жестока кампања против Бугарија, јавува БГНЕС.
Повод за нападите стана усвојувањето на извештајот на европратеникот Томас Вајц за Северна Македонија во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент на 24 јуни. Унгарските медиуми блиски до Орбан реагираа остро откако бугарските амандмани – со кои требаше да се додаде формулацијата „современ“ пред изразот „македонски јазик и идентитет“ – беа блокирани токму со гласовите на европратениците од партијата ФИДЕС на Орбан.
Овој потег предизвика остра реакција во Софија, а унгарските провладини медиуми возвратија со обвинувања дека станува збор за „координирана атака против унгарскиот премиер“.
„Кампањата за оцрнување во Бугарија се заострува: Виктор Орбан е мета, а сите знаци укажуваат дека зад ова стои Европската народна партија“, напиша весникот Magyar Nemzet, обвинувајќи ја „бугарската либерална преса“ за манипулации и преувеличување на случувањата во Брисел.
Весникот пренесе дека бугарските медиуми ја пласирале информацијата со наслов: „Европратениците на Виктор Орбан ја блокираа бугарската поправка во извештајот за Северна Македонија“. Според Magyar Nemzet, овие обвинувања доаѓаат во време на силен бугарски притисок околу евроинтеграцијата на Скопје.
Најострата реакција, која предизвика вистински медиумски бран во Унгарија, беше интервјуто на поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев (2012–2017) за агенцијата БГНЕС. Плевнелиев го обвини режимот на Орбан дека води антибугарска кампања во соработка со режимот на Христјан Мицковски во Северна Македонија.
Унгарските медиуми со изненадување констатираа дека Плевнелиев отворено ја споменал и улогата на Будимпешта во засолнувањето на Никола Груевски – поранешниот македонски премиер познат по својата антибугарска политика.
Во исто време, унгарските економски медиуми алармираа за уште една непријатна тема за Орбан – според последните податоци на Евростат, Бугарија за првпат ја надминала Унгарија според реалната индивидуална потрошувачка (AIC).
Порталите Store Insider и Pénzcentrum објавија дека во 2024 година Бугарија достигнала 74% од просекот на ЕУ по овој индикатор, додека Унгарија заостанува со 72%. Така земјата која со години важеше за „најсиромашна членка на ЕУ“ веќе е пред Унгарија. Аналитичарите истакнуваат дека унгарските домаќинства се погодени од рекордно висока инфлација, стагнирани реални плати и највисокото ДДВ во ЕУ – цели 27%. Според Институтот за економски истражувања (GKI), можно е овој тренд да се сопре доколку се ограничат цените, се зголемат платите и се намалат даноците, но засега, како што пишува еден од медиумите, „немаме со што да ја наполниме кошничката“.
