Само-понижување: срам од идентитетот
Пишување: Никица Корубин
Контекстот, тој магичен поим, кој ги определува нештата и вистината за нив. Па, логично за да дојдеме на спротивната страна од вистината на сцена стапува “вадењето од контекст” таа омилената играчка на нашата “јавност” и нејзината пропаганда, длабоко погодена деновиве од содржината на извештајот на ЕУ.
Па, дали е воопшто за изненадување целосната изјава “во контекст” (одговор на прашање патем речено), на еврокомесарката Марта Кос – “Членството во Европската Унија е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, затоа што, Европската Унија е изградена на принципот на разноликост. Во таа насока, идентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување, туку е нешто што го носиме во душите и нашите срца. Идентитетот, е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина и како се грижиме за нашата традиција. На пример, манастирите во Северна Македонија, на пример погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик. Никој не може да ви го одземе ова на вас Македонците“ – да се сведе на реченица “надвор од контекст”: “Вашиот идентитет се манастирите, погачата, пинџурот и полнетите пиперки и тоа не може никој да ви го одземе”.
И дополнително при вадењето од контекстот целосно е изваден еден од нашите специјалитети “тавче гравче”. Двојна виктимизација.
Зошто на пример, при вадењето од контекст, не се извади почетокот, па да не преплавија наслови од типот: “ЕУ е најдобриот начин да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците”; или пак “Идентитетот, е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина и како се грижиме за нашата традиција”. Што е неточно во овие две реченици надвор од целосниот контекст, во споредба со онаа “кулинарската”? Разликата е во намерата.
Намерата која со години политички го злоупотребува идентитетот, а кога тој конечно добива хумана и социолошки исправна “дефиниција”, од страна на ЕУ по наше инсистирање, одговорот доаѓа во форма единственото оружје против вистината: потсмевот. Таа децениска, наследена нишка, редовно употребувана токму кон Македонците.
Па, всушност оваа фраза, која масовно се шири во форма на “елитистичка навреда”, не е потсмев на Марта Кос кон нас (како што сакаат да имплицираат), туку е “наш”потсмев кон сопствениот идентитет. Истиот, рециклиран потсмев, кој го слуша(в)ме со години: “за Македончето, за членувањето, за кроткоста, за “тажниот југ”.
Но, она што е посебно интересно деновиве, особено после официјалното вклучување на “српскиот свет” и националната и регионална опасност од него, во официјален документ на ЕУ; паралелно со “македонскиот идентитет и јазик” очигледно на наше инсистирање за “гаранции”; е страната од која доаѓаат и “неоправдано и необјасниво” негативните реакциите, но и потсмевот.
Не, тоа не е власта и ВМРО ДПМНЕ, која е само појавната форма на “бранители на идентитетот”, туку тоа е медиумско-експертската-граѓанска “елита”, лево и центар, кои со партиски жаргон гравитираат околу СДСМ, а ваушност се суштината на отпорот кон ЕУ и европската интеграција, иако “формално и службено” се секогаш (и по потреба) најголемите Европејци. Тоа е нашата наследена елита, која го чува “идентитетот”. Ама, кој идентитет?
И тоа е болката, која ја предизвика една толку едноставна изјава, и еден малку поотворен извештај. Далеку од мистификацијата на неколку внимателно избрани историски ликови, и дузина други скриени, кога веќе утврдивте со потсмев, ароганција, и лажна грижа – дека кулинарството, обичаите, традицијата, манастирите, грижата и чувството кон татковината – не се идентитетот – може ли конечно да слушнеме – што е идентитетот?
Освен, неколку историски ликови, кои брутално се злоупотребуваат надвор од секаков историски и џивилизациски контекст, на сметка на се’ што се премолчува. Па, кога се’ ќе ставиме во контекст, единствени кои “се исмеани” сите овие години се граѓаните, и тоа од сопствените “елити”, кои длабоко навлезени во системот, единствено го бранат “идентитетот на заробеното општество”.
Се’ друго уништија, и гравот и пиперките и питите, и манастирите и односот и љубовта кон земјата, и носиите и традицијата. И после сегашноста, сакаат да ја уништат и иднината. Срам од себе или срам за нас?