| |

In Memoriam: Почина Дјанко Марков

Пишува: Владимир Перев

На 17 февруари 2022 година во Софија, во речиси свои 100 години почина бугарскиот офицер, патриот, легионер и осуденик во бугарските логори, интелектуалецот и народен претставител во бугарскиот Парламент, Дјанко Марков.

Како што јавуваат агенциите, Дјанко Марков беше последниот офицер на бугарската царска армија, учесник во Втората светска војна и носител на Орден за храброст. Роден е во Плевен во 1922 година, завршува Воено училиште и е пилот-летец во бугарската армија. Пред војната е близок до генерал Луков, како член на бугарските национални легиони. По војната, во 1948 година е осуден на пет години затвор, за потоа да работи како рудар, општ градежен работник и слични занимања, за конечно на конкурс пред комисија на Бугарскта опера, да добие место на виолинист во оркестарот.


Со Дјанко Марков се запознав некаде во месец септември 1995 година, на аеродромот во Цирих, на едно од моите многубројни враќања од САД. Тој си одеше за Софија, по средбата со негов роднина, или брат, веќе не се сеќавам точно. Долго седевме во чекалната на Циришкиот аеродром и разменувавме спомени за заеднички познаници во Софија.

Повторно се сретнавме некаде зимата, јануари 1998 година и ме покани во својот стан во Софија, некаде близу НДК, мислам на ул. “Патријарх Евтимиј“, каде што останав на кафе и разговор речиси цел ден. Тогаш пред себе открив извонреден интелектуалец, образован човек со сериозни познавања од историјата, јазичната македонско-бугарска проблематика, неверојатни знанија за бугарските дијалекти, поспецијално за костурските говори.

Познаваше многу личности од Македонија, а специјално и со респект говореше за мојот професор по Уставно право, Евгени Димитров како за негов пријател, кому Дјанко и му одел на гости во Велес. На заминување ми подари фотокопија од фотографија на град Скопје, снимена од авион, каде што Дјанко бил пилотот или навигаторот, времето веќе ги покрило трагите во меморијата.

Тогаш, за неделникот “Фокус“ направив едно интервју со него, а Никола Младенов, Зоран Димтровски и Исо Руси, мислам сопственикот на списанието и двајцата први луѓе во уредувачката политика, со интерес ја прочитаа сторијата за нив непознатата личност. Мојот примерок на интервјуто се загуби некаде низ премрежјата на времето и настаните, но знам дека со Дјанко последен пат се сретнавме на 25 март 1998 година пред градскиот стадион во Скопје. Тогаш се играше пријателскиот фудбалски натпревар Македонија-Бугарија, а во големата група навивачи од Софија, дојдени со автобус, беа и Дјанко Марков и неизбежниот Красимир Каракачанов. Му го однесов весникот, но тој веќе го имаше добиено по некој свој канал, го носеше в раце и срдечно ми се заблагодари. Тоа ни беше последната средба.


Заминувањето на воинот, заговорникот, легионерот и музичкиот перфекционист само говори за нашата минливост, но укажува и на наследството кое треба да го оставиме на следните генерации.
Збогум Дјанко, нека има светлина на твојот пат…

Слични Објави