ДА НЕ ГИ ЗАБОРАВИМЕ ОНИЕ КОИ НЕМО НЕ ГЛЕДААТ КАКО ГИ ПРАЗНИМЕ ПРОДАВНИЦИТЕ

/

Денес и сега кога целиот Свет е соочен со “невидливиот непријател“ корона вирусот веќе се навикнавме и на информациите кои ни се пласираат околу тоа. Веднаш по оние за бројот и за состојбата на заболените, за лекувањето и мерките, следуваат и слики од гужвите пред и во маркетите, од испразнетите рафтови од граѓани кои купувале брашно, тоалетна хартија, тестеини. Ајде, ќе речеме, и тоа е можеби нормално – се обезбедуваме за не дај Боже. Но, дали некој се сети (до вчера никој…) за оние кои и до вчера и пред тоа рафтовите им беа “празни“ не можејќи да си дозволат да се “фатат“ за кваките од влезните врати на тие маркети, а камо ли и да си купат нешто.

Такви луѓе во нашиот Град Скопје има многу. Само во него има секојдневна потреба за меѓу 11.000 и 13.000 оброци за сиромашни граѓани кои не знаат што тој ден ќе јадат. На листата на нашата организација „Банка за храна“ до крајот на јануари имавме околу 1.000 граѓани од Скопје и од Кавадарци на кои редовно им помагавме со пакети со храна и хигиенски средства. Оттогаш до сега, едноставно не можеме. Нашите резерви со храна кои што ни преостанаа, кои што сега ги имаме овозможуваат само да им помагаме уште на околу 35 фамилии и тоа само уште месец-два. По ова, нема да можеме. Голем, голем дел од нашите сиромашни сограѓани, кои секогаш биле далеку, далеку од полните рафтови во блескавите супермаркети ќе останат сами со својата сиромаштија, со гладот.

Секако дека сме свесни за “колапсот“ кој сега ги засега економиите па и прехранбената индустрија и трговиите. Но, до “вчера се колневме“ во грижата за немоќните или, модерно кажано, лицата и фамилиите во социјален ризик. А, на оваа бројка ќе треба да се додадат и оние кои ќе останат без работа, оние кои и до скора работеа за минимална плата и беа на минимален стандард. Сега, општествената одговорност која секоја средна или поголема компанија ја имаше “вцртано“ во своите портфолија како да исчезна, како и да не постоела. За институциите, тука не ги ставам во кош здравствените работници, полицијата, војската и сите други вклучени во оваа борба против Ковид -19 секако дека главен приоритет им е забавување на бројот на заразени лица. Сепак, и покрај тоа, во едно општество секако дека има и институции кои мораат да се грижат и за оние кои и пред вирусот имаа мака да врзат крај со крај.

Со зборови не може да се опише крикот на стравот и паничната ситуација во која голем број наши сограѓани бараат било каква помош во храна и само храна. Ние како организација дојдовме до последни резерви. Од општините, само во Центар и во Кавадарци во овој период, колку што се може, се помага на старите и изнемоштени лица и лицата со посебни потреби. Други општини, окупирани со немоќта да се консолидираат и да направат барем малку од она што можат, целосно ги заборавија тие кои се најзагрозени.



Затоа е овој текст кој, се надевам, ќе го побуди секој еден, посебно операторите со храна да дел од, сега зголемените, профити, посветат токму на бројните фамилии во социјален ризик. Оваа ситуација не е повикана ниту посакувана од никој. Затоа во неа сега мораме да бидеме свесни и совесни да не ги заборавиме и оние кои немо и немоќно “не посматраат“ како ги “празниме“ рафтовите во маркетите.

Автор: Душко Христов/Скопско ехо



Претходна статија

КАКВА ПАНДЕМИЈА КАКВИ БАКРАЧИ

Следна статија

АКО ПРИЧЕСНАТА Е ЛЕК НЕКА ОД МПЦ ЈА ПРЕДЛОЖАТ НА БОЛНИЦИТЕ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА ЗАРАЗЕНИТЕ ОД КОВИД-19

Најново од Колумни

Кога идентитетот е бетон

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов Вчерашниот фудбалски натпревар меѓу Северна Македонија и Бугарија е одличен настан за крај