|

За писмото и (не)писменоста

Пишува: Никица Корубин

Кога најсветата и најважна црква во Македонија, Света Софија во Охрид, ќе биде два дена по ред претворена во обична кулиса, сценографија и простор за изнајмување на настани, па нека бидат и свечени, тешко дека можеме да зборуваме за писменост. Од нејзината светост, одамна не остана ништо, слично како и нејзината институционална заштита, ама изгледа дека и знаењето за важноста е крајно дискутабилно.

Чија била идејата денот на Кирил и Методиј да се слави таму и на најголемиот комплекс на државно спонзорирани “дивоградби”, тој уништен археолошки локалитет Плаошник, претворен во симбол на нашата накарадност и суштинско неразбирање, да не речам неписменост; веќе не е ни важно. Важно е дека во континуитет промашуваме. Промашуваме, длабински и темелно, да пристапиме кон било што, па така на денот на писмото, ние зборуваме за јазикот, литературата, традицијата, музиката и што уште не, само не за Константин Филозофот и неговиот брат Методиј.

Херодот вели дека “Хелените научиле многу корисни работи од Феникијците, кои со Кадмо дошле и тука се населиле … пред се од нив го научиле писмото, кое Хелените порано не го познавале”. Значи, писмото е тоа што на денешен ден не “врзува” пред се за Кирил, а не македонскиот јазик, за кој денес по кој знае кој пат се самоубедувавме дека постои. Писмото, односно пра-почетокот на алфабетот, кој патем речено, е основа и за самата кирилица, бидејќи глаголицата не е она писмо, кое денес го користиме и како наше. А, Источното Ромејско Царство, таа т.н. Византија, е онаа која ги ангажира Византијците Кирил и Методиј, за нејзините потреби, меѓу другото и ширењето на христијанството.

Чуму тогаш денес, зборувавме и се потсетуваме на се, освен на животот и делото на Кирил и Методиј? Зошто ефтина политизација, и партиско-популистички натпревар во Света Софија, без релевантно знаење и споменување на она што треба да се слави? Кому треба додатно незнаење и површно насочување на дискурсот?

А, кога веќе толку сме по црквите, не е лошо, Света Софија да ја спремиме за дочек на Вселенскиот патријарх, кога ќе го донесе томосот за автокефалноста на Охридската Архиепископија, токму во нејзиното седиште, а во меѓувреме да видиме што се случува со претставите токму на Кирил и Методиј во црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, тука близу до Охрид, во Преспа; во “налетот” на грижата за културното наследство, и што се случува со целиот живопис, ако ја завршивме “стручната” работа на архитектурата. Па, тогаш можеби и ќе им оддадеме достојна почит. Ако знаеме.



Слични Објави