Пуританците од нашиот сокак
Пишува: Ѓорѓи Трендафилов
Тешко дека овде ќе има простор за нормална дебата,неоптеретена од предрасуди, непримерни квалификации и растегливи морални вредности. Додека министерот за внатрешни работи како свежа социјалдемократска надеж ламентираше неодамна по повод формирањето на Централниот Комитет на Комунистичката Партија на Македонија, решението за забраната на користењето на името Иван Михајлов од страна на клубот на македонските бугари во Битола,веројатно било напишано.
Забраната е резултат на соблазнувањето од самото име на Михајлов, на група луѓе кои им пркосат – нека се живи и здрави- и на биологијата, на физиката и неретко на здравиот разум. Кога од баирите на Битола овие михајловисти, се симнале среде град, е тоа веќе не се толерира.
Наследството оставено и негувано од „светите крави„ кои се единствените толкувачи на македонското минато, сегашност и иднина, тие кои ги имаат вистинските одговори за секое време и невреме кое ја фатило Македонија, немилосрдно го држат и самото време, промени може, но само ако тие ги контролираат.
И додека во „најсеверната република„ а одамна веќе само Словенија, поради една кратка телеграма од Едвард Кардељ, дежелата од 2006-та лоцира масовни гробници, правниот систем работи и се обидуваат да дадат објективна и и историска и правна завршница. Не се обидуваат да ги занемарат ниту гробниците, ниту жртвите,ниту злосторниците.
Овде, каде што минатото се разбира како „самопослуга„ од која по избор се бираат херои, маченици, предавници, светли моменти и подвизи, никој не се соблазнува од Кардељ, Ленин, или ним сличните. Овде мајсторите на „ моралниот релативизам„ пресметката со сопственото минато ја имаат доведено до совршенство. Затоа,името на Михајлов не смее да се користи никако поинаку,освен во негативна конотација. Комунистичката Партија пак, останува синоним за безгрешно совршенство кое сите потајно го носиме во срцето.
Што понатаму? И не мислам на некаква правна завршница во Македонија. Овде правдата не само што е слепа, таа е сиротатата и глува. Не мислам и на меѓународни конвенции, права и сл. Мислам на севкупниот амбиент од кои во нормални услови, елитата на едно општество – политичка, интелектуална,деловна, уметничка…- создава стандарди и вредности кои стануваат составен елемент на општеството кое се равива, подобрува и напредува. Зарем ние сме такво општество!?