ПОЛИТИЧАРИ И ПОЛИТИКАНТИ
Политичар – колку тоа денес грдо звучи во ушите на луѓето, тие ја искрадоа и уништија државата, нели, ни ги уништија животите, ни ги избркаа децата од дома, итн. А не е така! Тоа ни го направија квази-политичарите, аматерските и професионалните политички криминалци, кои успеаа да не прелажат дека се грижат за нашите, а всушност се грижеа само за нивните лични интереси.
Со политика треба да се занимаваат луѓе кои сакаат да се грижат за интересите на граѓаните кои ги застапуваат. Има два главни вида на вакви луѓе: Политичари и Квазиполитичари или Политиканти. Главната разлика помеѓу нив е што Политичарите ги ставаат општите интереси на нас граѓаните кои не застапуваат пред личните интереси, и за време на мандатот потполно се ставаат во наша служба. За разлика од нив, Политикантите, токму обратно, личните интереси ги ставаат пред заедничките интереси на нас граѓаните, и мандатот го користат за што поголемо задоволување на нивните лични интереси. И дали, според оваа дефиниција, можеме во својата околина и од медиумите да препознаеме кои луѓе се Политичари а кои Политиканти? Мора да признаеме дека ретко ќе се сетиме за некој Политичар, а Политиканти – има колку ни душа сака. Е токму за ова пишував во минатите текстови, дека изборниот систем со отворени листи создава Политичари, слуги на нас граѓаните, додека затворените изборни листи создаваат Политиканти, лидерски послушници кои се грижат само за нивниот личен интерес.
Неодамна во едно интервју претседателот на НСДП и екс-претседател на Собранието Тито Петковски даде неколку одлични поенти и тези за состојбата во македонската политика, изјавувајќи:Во Македонија клучните политички одлуки се носат на лидерски средби, а во собранието пратениците само треба да кренат рака за да ја исполнат нивната желба, без расправа. Лидерската средба е само неформална група и лидерите немаат законско право да одлучуваат, а таквото одлучување е клучната македонска несреќа во минатите години.
Собранието е понижено, и ние немаме парламентарна туку некој вид на договорна демократија, години наназад. Граѓаните својот уставен суверенитет преку пратениците го пренесуваат на Собранието, но сега врската помеѓу граѓаните и пратениците е прекината – и функционира само директната врска помеѓу партиите и пратениците. Пратениците не можат да се оттргнат од притисокот на лидерството на партиите – зошто во спротивно нема да бидат на пратеничките листи. Лидерите на партиите затоа се доминантни.
Во собранието пратениците, имајќи го легитимитетот на граѓаните, треба да гласаат по сопствено уверување, тие ги претставуваат граѓаните а не политичките партии. Апсолутно е изместена целата траекторија на донесување на политичките одлуки, и собранието целосно е маргинализирано. Во најкритичните моменти за земјата одлучуваа лидерите на партиите, а Собранието немаше никакви надлежности – освен формалното гласање.
Трагично е што истото ова ни се случува 30 години, и немаме никакво квалитетно поместување напред.
Одлуката за предвремени избори не е во интетрес на граѓаните – туку исклучиво во интерес на лидерите на големите партии. Тие за тоа никого не го консултирале, ни раководствата на своите партии ни пратениците.
Овие избори нема да донесат корист за граѓаните – туку нови конфликти, изместување на фокусот од интересот на граѓаните.
Порано за Тито Петковски мислев дека е многу мудар и искусен политичар, кој има придонесено за многу добри одлуки во Собранието и политиката воопшто, но со сегашното знаење и искуство можам да кажам – дека тој е само еден обичен Политикант. Сето ова што погоре го кажал за сегашната ситуација во која се наоѓа македонското Собрание и пратениците во него – е многу точно, но токму тоа и го прават нашите Политиканти, точно ја констатираат и опшуваат моментната состојба во политиката и во државата, гледајќи за тоа да го обвинат оној другиот, а тие од тоа да извлечат лична корист. А каде беше Тито Петковски, како мудар Политичар, од порано да кажува дека затворените изборни листи ќе доведат до оваа ситуација денес, до лидерски систем и диктатура, да го предвиди ова заробување на демократските институции од лидерите на најголемите партии? Тогаш се тепаше, демек во интерес на демократијата, да биде дел од власта на СДСМ, па дури и дел од диктатурата на Грујо, додека можеше и имаше интерес да ја трпи. Вистинскиот Политичар, покрај тоа што треба прецизно да ја констатира моментната состојба во политиката и во државата, треба на граѓаните да ни ја објасни и причината за таквата состојба, од каде таа произлегува, како и кои се нашите посакувани цели, и начините нив да ги постигнеме.
Како што можеме да видиме, Петковски во изјавата извонредно констатирал дека во Македонија на сила е лидерски систем со формални квази-демократски институции, дека имаме договорна демократија, дека за се треба најнапред да се договорат лидерите – а потоа технички да се спроведат процедурите преку владините и собраниските тела и само формално да се гласа, дека пратениците се само лидерски послушници кои не можат да се оттргнат од нивното влијание, дека ни предвремените избори не се заради интересот на граѓаните туку на лидерите, и дека и по изборите, наместо да се грижат за интересите на граѓаните, лидерите ќе создаваат конфликти за да ги замајуваат граѓаните и да ги занимаваат со се – само не со нивните интереси. И до тука е во ред, ова и повеќето од нашите Политиканти ќе ни го кажат, но дали некој ни кажува – од каде потекнува оваа наша состојба, зошто е ваква, како и – која е целта кон која треба да се стремиме и како да дојдеме до неа? Ако знаеме таков – е тоа е вистински Политичар, и ако целите ни се поклопуваат – на изборите да гласаме за него!
А се е така едноставно, и веќе подолго време пишувам за тоа: Причината за ваквата лоша состојба е во затворените изборни листи, кои наметнуваат оваков лидерски систем на владеење, а Решението е многу едноставно и страшно ефикасно: итно воведување на ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ!
Затоа што се е така едноставно – нашите вистински Политичари знаат дека не измислуваат топла вода, дека ова веќе одамна е измислено во развиениот свет, затоа тие не губат премногу време во објаснување на моментната ситуација, на потенцирање на сите нејзини лоши моменти и на обвинување на другиот за тоа – за лично поентирање и корист. Тие кратко ни ја објаснуваат причината за оваа ситуација, и многу повеќе време посветуваат на објаснувањето на целта кон која се стремиме – вистинската демократија со отворени листи, кои придобивки и поволности ќе ни ги донесе на сите полиња, и лични и општествени, и како што поскоро да ја постигнеме таа голема цел: воведувањето на ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ и почнувањето преговори со ЕУ.
Најголемите Политиканти во Македонија се токму во владеjачките партии од осамостојувањето: ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ. Од ДПМНЕ до денес ни ја продаваат приказната дека се големи патриоти, дека се борат за националното достоинство, од антиката преку Илинден до денес, устата им е полна со историја – но џебовите и сметките овде и во странство им се полни со наши државни пари! Од ДУИ и СДСМ исто така ни се продаваат за големи демократи, за борци за евроатлански интеграции на Македонија – ама за малку подоцна, откако најнапред и тие многу ќе ги натоварат сметките. ДПМНЕ и ДУИ отворено си кажуваат дека се против отворени листи – против интересите на граѓаните, дека сакаат да останат затворените листи и лидерскиот систем – за да можат и натаму да си лажат и крадат, додека СДСМ јавно се за отворени листи, за да придобијат некоја симпатија и глас од граѓаните, ама да се воведат малку понатаму, не веднаш, рано е, не сме доволно зрели нели, треба консензус, итн.
На сите овие Политиканти дојде време директно и во очи да им кажеме – Доста е! Доста не лажевте и манипулиравте, прочитани сте и не ви веруваме повеќе! Ако сакаме на овие избори да и ставиме крај на оваа лидерска квази-демократија и диктатура – треба сите што помасовно да излеземе на изборите и да гласаме за партиите кои нудат ИТНИ ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ! Доста беше гласање за политиканти, време е нашиот најскап граѓански глас да им го дадеме на вистинските Политичари, кои со отворените листи ќе не стават на брза лента за итен прием во ЕУ, за наш поубав, подостоинствен и поквалитетен живот. За враќање на заминатите, како и за задржување на тукашните деца! А верувајте дека и ние и требаме на ЕУ – ама со вистински Политичари, кои борејќи се за поквалитетна Македонија – воедно ќе се борат и за што поквалитетна Европска Унија !
Автор: Елизабета Најдоска Величкова