|

Заводливиот шарм на интелектуалецот Донев (1955 – 2026)

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Е мој Јоване? Најтешките збогувања се оние што никогаш не се случуваат. Тоа е кога луѓето исчезнуваат од твојот живот без предупредување, кога работите завршуваат без можност да се каже она што требало да се каже, или кога се губи некој на кого никогаш не успеваш да му кажеш збогум. Си замина без утринското кафе и цигарата од која не се делеше. Барем ќе те паметам по многу нешта но, во моментов, ми текнува на едно: колку беше противник на законот против пушењето затоа што ја ограничуваше твојата слобода на избор, иако бев колатерална штета во  тоа. Чудно, зашто ја сакаше земјата и природата. Последниве години по враќањето од Лондон буквално беше фасциниран како тоа жива, плодна земја го обновува циклусот на создавање и растење, и како активно не храни преку еден сложен, жив еко систем. За тебе почвата не беше статичко сидро за растенијата, туку жив организам кој се шири, дише и рециклира преку сложена подземна архитектура. Исто како што ја доживуваше државата и процесите што се случуваа во неа.

Секогаш кога размислував за тебе, како пријател се гледав на спротивниот крај од политичкиот и идеолошки спектар: но, твоите намери беа чисти, љубовта кон Македонија искрена, немаше скриени интереси, интелектуално не беше корумпиран или неправеден, а најмногу од сè беше доволно интелигентен и мудaр да гo сфатиш тоа. Колку само пати сум се обидувал да ти докажам дека грешиш во нашите разговори, аргументирајќи против сè што кажуваше? Низ годините на нашето ролеркостер пријателство разговорите со тебе беа пoвеќе од само интелектуални вежби – тие беа емоционално турбулетни збогатувачки искуства, нудејќи чувство на јасност и исполнетост што малку други искуства можеа да го дадат во оваа држава на изгубени надежи. Една карактеристика што ја дефинираше твојата нескротлива личност беше нетрпеливоста кон површното размислување. Лесно и без подлабока расправа ги отфрлаше поедноставените историски наративи и идеолошките клишеа, зашто сметаше дека јавноста заслужува сериозно знаење.

Далеку од тоа дека водеше некој избалансиран живот – дека уживаше во отсуството на предизвик, интелектуална љубопитност, вознемиреност и присуство на позитивни внатрешни силни страни кои би ја поддржале твојата емоционална рамнотежа, отпорност и длабока поврзаност со себеси и другите. Никогаш не создаде стабилно, трајно чувство на мир и исполнетост. Иако не секоја битка ја заслужуваше твојата енергија, ја трошеше енормно, многу пати и беспричински. Беше човек на бесконечен конфликт со себе и со другите. Не секој можеше да ги следи твоите идеи, особено во домашната и глобална  политика. Работите за кои зборуваше и пишуваше не беа секогаш погодни за јавна потрошувачка, но тоа не значеше дека се игнорирани. Твоите инспиративни аргументи во расправите беа премногу паметни за повеќето луѓе да ги разберат.

Велат дека мотивираното расудување е меѓу најмоќните сили во универзумот. Луѓето сакаат да им се каже што веќе знаат. Тие ги ценат убедливите одбрани на нивните постоечки ставови наместо новите, навистина вредни сознанија. Ако повеќето јавни интелектуалци стануваат истакнати едноставно со наоѓање сè попаметни начини да се залагаат за идеите што ги застапуваат масите, Донев се издигна над просечноста нудејќи впечатливи нови идеи кои ги бранеше бескомпромисно, никогаш не губејќи во моќта на нивното аргументирање. Немаше да биде Донев тоа што е, преку убедлива одбрана на стари идеи, туку преку генерирање или објавување на нови. Неговата најголема сила и интелект беше во препознатливоста од просечните граѓани дека е паметен и убедлив. Донев немаше ставови кои се разложуваа уредно на партиски линии и затоа не можеа да бидат едногласно навивани од луѓето од двете страни. Проценката на просечните луѓе за Донев беше добар водич за тоа колку перцептивен беше. Не беше потребно да бидеш интелектуалец да го препознаеш тоа. Тоа беше заводливиот шарм на интелектот на Донев.

Збогум пријателe. Се збогувам со една верзија од себе кога ти беше дел од мојот живот. Беше турбулетно и интелектуално предизвикувачки познавајќи те. Збогувањето од тебе е потсетник дека ништо не трае вечно, вклучувајќи нè и нас и дека треба да ја прифатиме вистината дека сите сме привремени. Можеби те нема, но ќе продолжиш да зборуваш преку своето дело што го остави. Прочитав дека Евреите никогаш не се збогуваат, тие само велат l’hitraot, ќе се видиме наскоро.

Па, до следното видување, одмори.

Слични Објави