|

Битиќи се надева дека повисокиот суд ќе ја смени одлуката за ИРЛ: Тоа ќе биде само еден лош ден на една судијка

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вели дека како човек којшто бил дел од граѓанскиот сектор смета дека ограничувањето на слободата на изразувањето на кој било е многу сериозно и, штетно за понатамошниот развој.

„Се надевам дека повисокиот орган во судот ќе ја преиначи таа одлука и дека ќе биде само еден лош ден на една судијка, која заради своето убедување го направила тоа и дека ќе се вратиме во тоа во кое сите треба да живееме, слободата на изразување, слободата на говор, слободата на работење“, рече Битиќи.

Тој ги охрабри не само новинарите од ИРЛ, туку сите други кои работат во граѓанскиот сектор, во медиумите да продолжат да го прават тоа како што најдобро знаат да го прават.

ИРЛ беше осудена за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и компанијата БРАКО за емисијата „Заговор против воздухот“. Во образложението на пресудата судијката Јованка Спировска-Панева наведе дека истражувањата на ИРЛ не смееле да се публикуваат пред граѓаните, туку требало исклучиво да се користат за внатрешна едукација на вработените. Таа го отфрли исказот на уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковска, со образложение дека таа и ИРЛ не се новинари и медиум.

Од ИРЛ, по пресудата, реагираа дека тие не се осудени за клевета, туку осудени се оти постојат, а поддршка добија од голем број новинари и медиуми. Основниот граѓански суд, велат од ИРЛ, преку судијката Јованка Спировска-Панева протолкува дека непрофитните организации, кои во земјата се занимаваат со истражувачко новинарство, не претставуваат медиумски организации, па поради тоа таа ги отфрлила доказите на ИРЛ во спорот со Анѓушев.



Слични Објави