БЛОМБЕРГ: АСАНЖ Е ЗАТВОРЕН ВО БРИТАНСКИОТ „ГВАНТАНАМО“
Џулијан Асанж, основачот на „Викиликс“, кој беше уапсен во четвртокот, е пренесен во затворот „Белмарш“ во југоисточниот дел на Лондон кој се споредува со „Гвантанамо“ на Куба во кој американските власти ги држеле најопасните исламисти. Во „Белмарш“ се сместени исклучително опасни затвореници, пишува „Блумберг“.
Меѓу другите, во овој затвор казна отслужувал и Абу Катада, кој е опишуван како десна рака на Осама бин Ладен, како и четворица мажи кои се обиделе да извршат напад во Лондон.
„Откако неговиот случај, по апсењето, беше процесиран пред судот во Лондон, Асанж е спроведен во ‘Белмарш’“, изјавил пријателот на Асанж, Вон Смит, кој бил една од последните личности кои го посетиле Асанж пред да биде уапсен во еквадорската амбасада.
„Блумберг“ оценува дека изборот на локацијата каде што Асанж ќе ги чека понатамошните судски одлуки би можел да укажува на построгиот пристап на британските власти кога е во прашање 47-годишниот Австралиец, додека тој се бори против екстрадиција во САД каде е обвинет за издавање државна тајна.
Блумберг“ пишува дека во затворот има затвореници од различни профили, од ситни криминалци до најопасните затвореници во Велика Британија. Агенцијата наведува дека ваквото окружување ќе биде новост за Асанж, со оглед на тоа што во 2010 година додека ја чекал одлуката на британските власти по барањето за екстрадиција на Шведска, каде е обвинет за силување, поминал девет дена во друг лондонски затвор „Вондсворт“.
Извор: Макфакс