| |

БНР ги објави новите носители на титулата „Бугарски амбасадор на културата“ за 2025 година

Бугарското национално радио ги објави новите носители на титулата „Бугарски амбасадор на културата“ за 2025 година на церемонија во Националниот археолошки музеј во Софија. Кампањата се одржува петта година по ред, јавува БГНЕС.

Меѓу наградените оваа година се пејачката DARA, историчарката на уметноста д-р Надежда Џакова, главниот диригент на Бугарската армија и раководител на Гардискиот репрезентативен дувачки оркестар, потполковник Ради Радев, скулпторот Иван К’нчев, балетмајсторот и кореограф проф. Антон Андонов и д-р Мимоза Хасани, која има клучна улога во создавањето на првиот лекторат по бугарски јазик и култура на Универзитетот во Приштина.

Генералниот директор на БНР, Милен Митев, истакна дека културната дипломатија е меѓу најсилните инструменти за градење на позитивниот имиџ на Бугарија во светот и потсети дека успесите на бугарските творци го прошируваат присуството на земјата на меѓународната културна сцена.

Министерката за надворешни работи, Велислава Петрова, изјави дека културата создава врски што им одолеваат на времето и предизвиците, а талентираните бугарски творци се меѓу најважните амбасадори на земјата во странство.

За првпат оваа година жирито додели и специјална награда, која ја доби фолклорната изведувачка Цветина Грамова за нејзиниот придонес во зачувувањето и популаризирањето на бугарскиот фолклор.

Слични Објави