Though this be madness, yet there is method in’t
Во тоа лудило, има ред…
William Shakespeare, Hamlet, Polonie, act 2, sc.2.
Владимир Перев
1.
Во Северна Македонија никој не остана изненаден од информацијата дека 44-годишниот пироман кој ги запали двата автомобила на Бугарската амбасада во Скопје ќе биде испратен на психијатриско вештачење. За некои од поранешните учесници во насилијата пред таа амбасада, одамна требаше да бидат преземени слични мерки. Така барем ќе се спасеа животите на невини луѓе. Организаторот на демонстрациите пред Бугарската амбасада во Скопје, Љупчо Палевски-Палчо, лидерот на партијата (вонпарламентарна) Десна беше славен како вистински херој во борбата против бугарскиот „национализам и фашизам“, за само околу половина година подоцна, да заврши како сериски убиец на малолетната, 14 годишна Вања од Скопје и пензионерот Панче Жежовски од Велес. Психијатриското вештачење покажа дека тој бил свесен во моментите на делото и согласен со последиците, но неговата психичка состојба требало да биде многу порано утврдувана. Неговиот криминален живот, патолошката обземеност со себе си и илузијата дека “ја брани нацијата и државата од бугарите“, требало навремено да бидат стручно обработени. Општеството тоа го пропушти, но тој не пропушти да стане садистички убиц на две лица. Толку од неговиот патриотизам и неговата “заштита на општеството“ од самите нас.
Потоа дојде кршењето на стаклото на истата бугарска амбасада во Скопје. Сторителот беше пронајден, беше заклучено дека се работи за “нестабилна личност“ и беше пуштен, а до сега јавноста нема информации што е преземено против него. Ако е затворен во некаков азил со лекарски надзор, тоа е добро, но ако е на слобода може да не изненади со некаков нов сериозен деликт…да се надеваме дека нема да биде крвен деликт и нема да има мртви.
Сега дојде овој пироман, кој мртов ладен, со безин купен на десетина метри од амбасадата ги запали возилата и мирно си замина од местото. Да го чекаме психијатрискиот наод кој ни го ветуваат и да ги видиме мерките. Македонските граѓани (а и странците и дипломатите) имаат право на мирен живот и сон и државата тоа треба да им го овозможи.
Да не го забораваме ниту случајот со културниот клуб “Ванчо Михајлов„ од Битола. Ламбе Алабаковски, поп пејач со потпросечни квалитети, влезе во ролјата на пироман и го запали влезот на клубот. Тоа бил неговиот протест против ликот и делото на ‘фашистот“ Михајлов. Полицијата не успае да го најде, ама лекарот кој го лечел тој несмасенко од изгоретините што сам си ги нанел, го пријавил на полицијата. Целата македонска “патриотска“ јавност застана во негова одбрана, па судот, во една фарсична атмосфера му додели условна казна. Денес таа индивидуа е популарен пејач со бекграунд на патриот и досие на борец против бугарштината во Северна. Психијатриски наод не му е правен, ама има време…таквите го повторуваат делото, зависи само какви ќе бидат последиците.
Прашање е само дали кај нас има навистина толку лудаци, или сите се сконцентрирани околу бугарската амбасада…и ова прашање е лудо, ама што би рекол Шекспир (Хамлет) и неговиот Полоние, “во ова лудило има ред“.
2.
Конечно Европскиот парламент гласаше за извештајот на Томас Вајц за напредокот на Северна Македонија и резултатот стана јасен. Овде не се гледа баш некое големо разочарување од неуспехот на Вајц да го тргне од извештајот параграфот 73 кој говори за Вториот протокол од договорот меѓу Мкд и БГ за добрососедство и пријателство. Напротив, овде се говори за упорноста со која ние ќе ги браниме позициите на национална и јазична самостојност, како сега и во иднина, така и во нашето “далечно“ самостојно минато, некаде таму на почетоците на европскиот Среден век.
Кој ли овде сака сите нас да не заблудува, начисто да не будалка, за огромната важност на Вториот протокол. Да тој е навистина важен, но и да го нема, другите обврски кои Европа и ги наметнува за решавање на Северна Македонија се тешки и обврзувачки. Проблемите со правосудието, социјалната заштита, владеењето на правото, човековите права, етничката рамноправност и ред други работи се во фокусот на идните визури кон земјава. Но тоа не е најстрашно. Оваа Влада е обвинета за коруптивни зделки со учество на кинески капитали, тесни политички врски со Србија и ред други прашања. Не е проблем само да се извршат уставните промени, треба да се заземе проевропски став оклу позициите на “Српски свет“ и тивката русификација на Балканот, специјално на Северна Македонија. Не треба да се заборави ниту отворањето на досијеата на УДБ-а и другите тајни служби. Помина време, а никој овде не говори за фалсификувањето на историски документи, досијеа и биографии на луѓе, но и црковни написи, како во книгите, така и на зидовите на црквите, фреските и надгробните споменици во Македонија…тоа се проблеми и прашања со кои конечно ќе треба да се соочи МПЦ ОА и нејзиниот висок клир. Тука, ниту Вучиќ ниту пак СПЦ ќе помогнат, напротив и тие ќе си дојдат “по своето“! Книгата на Јордан Иванов “Б’лгарските старини от Македонија“ ќе им биде бедекер на сите кои ќе посегнат по физичките и историски “сопствености“ на МПЦ ОА…на сите, освен нам!
3.
Македонија доцни со своето приопштување кон ЕС. Тоа не е вина само на оваа влада на Мицкоски. Тоа е вина (најголема) на владата на Никола Груевски, а не по мала одговорност носат и политичарите како Киро Глигоров, Стојан Андов и Бранко Црвенковски. Со нив и нивните балкански лукавства и бездејствија, ќе се расправи историјата. Тоа е мала утеха за нас и нашите деца…
“Херојските“ изјави на Христијан Мицкоски за “несвиткана кичма“, за борба за нашиот јазик, идентитет и историја се празни приказни наменети за нас, простите гласачи (и оние другите) на ДПМНЕ. Тој знае дека таа борба не може да има никаков друг исход освен оној наложен и верифициран од процесите во Евросојузот. Не верувам дека толку се исклучил од реалноста, па сите нас да не прави луди. Ситуацијата е јасна, насилните луди се собрани околу бугарската амбасада, а нам ни остануваат философските размислувања за вештините на властодршците во експлоатцијата на нашиот здрав разум.
Но, секогаш треба да имаме на ум дека ни Хамлет не бил луд, само се правел на таков…луцидно размислува Полоние кога вели дека “во тоа лудило има ред“!
