БОРИСОВ: САКАМЕ ДА ПОМОГНЕМЕ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА НА РЕГИОНОТ
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, рече дека е важно во рамките на Берлинскиот процес да се посвети посебно внимание на развојот на инфраструктурната поврзаност во регионот, бидејќи тоа е крвотокот на Балканот, важен и за бизнисот и за граѓаните.
„Да не забораваме дека Западниот Балкан е пазар за околу 20 милиони луѓе. Тоа ќе овозможи перспектива за младите луѓе кои денес со брзо темпо емигрираат и ќе биде одговор на демографската криза, регионалната соработка и добрососедските односи“, рекол Борисов.
Тој, според бугарските медиуми, кажал дека Бугарија е водена од желбата да им помогне на државите од регионот на патот кон европска интеграција, како и за зацврстување на добрососедските односи, регионалната безбедност и соработка.
Покрај премиерите Заев и Борисов на отворањето на работата на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија се обратија и германската канцеларка Ангела Меркел и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.
