ЗАЕВ: ДА ЈА ЗГРАПЧИМЕ ШАНСАТА ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

Со напорите на Германското претседателство со Европскиот совет, новата динамика во процесот на пристапување на земјите од Западен  Балкан во ЕУ е извонредна можност регионот на Западен Балкан сигурно да напредува кон Унијата, порача премиерот Зоран Заев во поздравното обраќање на лидерскиот Самит за западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

loading...

„Верувам дека имаме обновен импулс и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани“, рече Заев.
Според него, со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, ЕУ ја потврди својата поддршка на Западен Балкан.
Во обраќањето тој додаде дека основите за економската, социјалната и зелената трансформација на нашиот регион за наредите години се цврсто утврдени, и дека регионот исто така ја покажа својата зрелост и отпорност за време на оваа пандемија.
„Пандемијата уште повеќе го обедини Западниот Балкан во борбата против овој невидлив непријател, донесувајќи толеранција и соработка и создавајќи заедничка свесност дека хуманоста има предност пред политиката“, рече тој.
Како што соопшти владината прес-служба, тој додал дека за време на заедничкото копретседавање со Берлинскиот процес оваа година дополнителен поттик добија и неколку други процеси како што е регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и јакнењето на соработката на полето на здравството како регионален одговор на пандемијата, како и соработка со граѓанското општество, особено на прашањата поврзани со младите.


loading...