| |

Босилеград по 32 пат станува балканска престолнина на детската радост за Велигден

Велигденскиот детски фестивал по 32-ри пат ќе ги собере бугарските деца од различни држави во српскиот град Босилеград, за да можат не само да ја покажат својата мајсторија во правењето на најубавите и најоригиналните велигденски јајца, туку и уште еднаш да ја искусат културата и традициите кои нѐ дефинираат како Бугари, пишува БНР.

Над 71% од жителите на градот, кој се наоѓа на неколку километри западно од бугарско-српската граница, се етнички Бугари: „Ние се трудиме да ги зачуваме традициите и обичаите“, вели организаторот на фестивалот Александар Димитров, додавајќи: „Затоа собираме деца од различни делови и различни земји и го претвораме Босилеград во балканска престолнина. Мислам дека сето ова е една мисија која ја заслужува целата енергија која се влужува месеци за подготовка“. Годинешното издание на фестивалот ќе трае 7 дена, а програмата изобилува со изложби, концерти, екскурзии и натпревари на кои децата ќе се натпреваруваат за наградата „Најздраво јајце“.

„Веќе имаме олимписки вицешампиони, познати личности од светот на уметноста кои биле во Босилеград како деца. И сите се сеќаваат на нивното учество“, изјави Александар Димитров за Радио Бугарија.

Несомнено, мошне возбудливи ќе бидат и настапите на најмалите деца, кои едвај од зародиш ќе имаат можност да се качат на сцената и да ги покажат своите вештини.

„Последните 4 години направивме една најмала категорија за деца од 3 до 5 години, која е како загревање за главната група која е од 5 годишни до 9-то одделение. Мислам дека оваа формула се покажа како успешна затоа што според мене тие сè уште не знаат што прават, а во исто време се дружат и го доживуваат овој главен стрес, што е многу важно за сите деца да се адаптираат за кога ќе дојдат на главниот натпревар тие веќе да го направиле првиот чекор и работите им се многу полесни“.

Свеченостите започнаа на 16 април со проекција на документарниот филм „Тврди школки“, кој ја раскажува приказната за фестивалот и ќе биде прикажан во сала „МаксиМ“ на БТА во Софија.

„Првпат беше прикажан минатата година на документарен филмски фестивал, потоа беше прикажан во Скопје, Ќустендил, Темишоара, а пред само 10 дена го објавивме за бесплатно гледање на YouTube. Ја правиме оваа мала премиера за да ги поканиме нашите пријатели кои не поддржуваа низ годините. Потоа се враќаме во Босилеград и од 17-ти до 24-ти април сè ќе се случи во нашиот град како што е традицијата. Финалето како по традиција ќе биде на Рилскиот манастир, а оваа година ќе биде на 22-ри со децата од Молдавија, Бугарија, Босилеград и, се надевам, од Украина. Би биле многу среќни кога би дошле во овие тешки услови за нив и би биле со нас, но досега немам потврдено присуство од нив. Потполно им изразуваме сочувство и ги разбираме! Дури и да не успеат, ние душевно ќе сме со нив!“.

Учесниците на овогодинешното издание се од Молдавија, Србија, Северна Македонија и Бугарија, за што Александар Димитров потенцира дека очекуваат гости од Банско, Раднево, Софија, Павликени и Ќустендил.

„Луѓе од многу бугарски градови пројавуваат интерес за фестивалот. Штета е што немаме можност да примиме толку многу луѓе и на некои од нив им откажуваме“, вели организаторот. Тој со благодарност додава дека фестивалот не би постоел без поддршката на повеќето институции во Бугарија – Народното собрание, општина Софија и голем дел од министерствата. А по повод учеството на Народниот театар „Иван Вазов“ со моноспектакалот „Незнаење“ на Албена Ставрева, тој споделува: „Тоа што народниот театар „Иван Вазов“ доаѓа во Босилеград, значи многу, бидејќи ова е навистина врв на театарот во Бугарија!“

Што друго обезбедува програмата? Ќе има фотопланер на кој се прикажува најдоброто од Босилеград, фолклорен концерт со учество на софискиот ансамбл „На Мегдана“, ансамблот Impulse од Молдавија и специјални гости – 10-годишната Румена К’нчева од Павликени и познатиот бугарски народен пејач Илија Луков. А за финалето – гала концерт со учество на бугарското гудачко трио „Хипнотик“. За најмалите кои ќе се „тепаат“ со јајца, подготвени се 4 сцени, а според прописите за главната награда ќе се борат 64-те најздрави јајца.

„Ова е можеби она што најмногу го посакуваат сите деца – да одат во финале, за да можат да ги допрат најголемите награди, но и да ги доживеат последните емоции. Под рефлектори и со многу адреналин ќе се одвиваат финалните борби и ќе ги објавиме победниците, а наградите за првите 4 места се велосипед, училишен прибор, ранци, пехари и медали. Ќе има и лотарија каде наградата е спортски велосипед“.

Според организаторот на фестивалот, настапот на сцената и меѓусебното запознавање се исклучително важни за нивниот понатамошен развој.

„Работиме со најинтересната возрасна група. Тоа се деца кои сè уште немаат лоши мисли и нечесни постапки. Тие играат отворено. Во повеќето случаи, некои од родителите им се мешаат во нивните амбиции, но ние веќе имаме искуство и се трудиме се да оди како што треба. И верувајте ми, она што се случува во овие неколку дена во Босилеград останува длабоко во главите на секое дете. И кога ќе пораснат секогаш ќе се сеќаваат на чудесната посета на Босилеград“ – со доверба вели Александар Димитров, претседателот на Здружението „ГЛАС“ и организатор на Детскиот Велигденски фестивал кој годинава ќе трае до 22 април.

Слични Објави