БОЖИЌ- ПРАЗНИК КОЈ ГО СЛАВИ РАЃАЊЕТО НА ИСУС ХРИСТОС, ГИ ЗБЛИЖУВА ЛУЃЕТО ВО ЉУБОВ, МИР, ВЕРБА И ЗДРАВЈЕ

Божиќ е симболичен христијански празник  кој го придржуваат низа на разновидни ритуали и обичаи. Еден од позначајните обичаи на Божиќ е посетата на полазеникот односно првиот посетител во куќата на домаќините. Тој можел да биде човек од селото, со услов ако за него се знае дека бил среќен затоa што во спротивно, ќе причинел несреќа во семејството кое го посетува. Но, исто така за полазеник се сметал и некој случаен минувач кого “среќата го натерала да дојде”. Денеска, улогата на полазеник ја врши најстариот член од семејството, “оти се верува дека не можи да излези лошо од свој чоек”. Влегува во куќата поздравувајќи ги останатите членови со “Добро утро” , “Честит ви Божиќ”. Домашните  го дочекуваат со “Добро ти Бог дал”, “И на тебе честит, да си жив и здрав”. Неколку години подоцна, по црковното влијание, луѓето почнале да се поздравуваат со: “Христос се роди – Ваистину се роди “ .

Во минатото, по завршувањето на седумнeделените божиќни пости, како пат на прочистување и услов да се навлезе во сферата на светото, на прв ден Божиќ, домашните се омрсувале најнапред со пржено врапче, сојка, гулаб. Според народните верувања, симболиката на овој вид омрсување означувала трансмисија на виталната сила на птиците која ја добивале луѓето преку орален пат.

Божиќ е празник каде што се собира семејството, се споделуваат интересни спомени од животот, се пеат песни и се ужива во домашната атмосфера. Со други зборови, се слави животот и нашата мисија во истиот.

Низ вековите, како се менувало времето на живеење така и  овие обичаи се видоизменувале во чинот на изведување. Некаде, луѓето  ги отфрлиле старите елементи и вовеле нови. Пренесувајќи ги од колено на колено, добиле нова форма и нова функција, но сепак покрај сите тие процеси, Божиќните празници се уште ги зближуваат луѓето во љубов, верба, здравје, солидарност и заедништво или со други зборови – Човештвото сѐ уште живее.

Автор: Кристина Паско, етнолог

Слични Објави