| |

Буџет на Собранието за 2026: Најмногу пари ќе отидат за плати, а се предвидени средства и за уредување на безбедносната зона

Буџетскиот Совет на Собранието денеска го усвои Предлог-буџетот на законодавниот дом за 2026 година во износ од околу 1,2 милијарди денари, кој треба да биде разгледан и изгласан на пленарна седница.

Најголем дел од средствата – 677,3 милиони денари – се предвидени за плати и надоместоци на 120 пратеници, функционери и вработени во службата на Собранието. Предвидени се и 14 нови работни места и 10 унапредувања во 2026 година. За привремени ангажмани ќе бидат вработени 24 советници за пратеничките групи, а обезбедени се и средства за 75 пратенички асистенти.

Во буџетот се издвоени 122,5 милиони денари за уредување на безбедносната зона околу собраниската зграда, како и за урбана опрема, проекти и надзор на изградбата. Дополнително, преку потпрограма 22 се планираат зафати во собраниската зграда – адаптација за лица со попреченост и техничко-технолошко реновирање на салата „Борис Трајковски“.

За стоки и услуги се предвидени 220 милиони денари, а за капитални расходи 96,5 милиони денари. Дел од средствата ќе бидат наменети за дигитализација на процесите, систем за електронски потписи и надградба на безбедносната ИТ-инфраструктура.

За Собранискиот канал се планирани 8,8 милиони денари, додека Парламентарниот институт ќе добие 15 милиони денари за обуки, патувања и дигитализација на извештаи и статистика.

Буџетскиот Совет го усвои и новиот Стратешки план на Собранието, кој ги поставува шесте цели за наредниот период: функционален, отворен, дигитален и безбеден парламент, со силна парламентарна дипломатија и ефикасни услуги за јавноста.

Слични Објави