| |

„Бугарија е Европа, а Европа е Бугарија“ – гувернерот на БНБ пред воведувањето на еврото

„Бугарија е Европа и Европа е Бугарија“, вели гувернерот на Бугарската народна банка, Димитар Радев, во пресрет на воведувањето на еврото. Со придружно видеообраќање, гувернерот го одбележува овој историски момент, јасно истакнувајќи дека никој не му го одзема левот – тој останува дел од бугарската историја и дел од меморијата на Бугарија, јавува БГНЕС.

„Постојат моменти што тешко се објаснуваат со бројки, анализи или институционални формули. Моменти во кои не се слуша позиција, туку доживување. Сѐ почесто млади, високообразовани Бугари зборуваат за европскиот пат на Бугарија со возбуда што не се учи и не се симулира – со сигурност што не произлегува од декларации, туку од припадност.

Пред неколку недели присуствував на таков разговор. Бугарин, израснат во Холандија и денес на одговорна позиција во европска институција, рече сосема едноставно: „Од мал се обидував да ги убедам соучениците и пријателите дека Бугарија е дел од Европа. Не ме разбираа. Денес сите разбираат.“

Во тие зборови немаше поза. Имаше спокојство и прецизност.

Денес зборовите „Добредојде, Бугарија“ може да се слушнат и видат во Франкфурт, Брисел, Луксембург и на многу други места во Европа. Нашиот одговор кон пријателите таму е краток и јасен: „Ви благодариме, пријатели. Ние сме си дома.“

Ова не е протокол. Ова е чувство.

Во таа смисла, еврото не е само економска одлука. Тоа не е само валута. Тоа е знак на припадност – дека твоето место не е на периферијата, туку во простор на заеднички правила, доверба и одговорност. Знак дека напорот што си го вложил бил препознаен и прифатен.

Бугарскиот лев отсекогаш бил повеќе од пари. Неговото име доаѓа од лавот – симбол што ја следи бугарската државност со векови. Левот останува дел од нашата историја и од меморијата на генерациите Бугари. Никој не го одзема. Тој едноставно го зазема своето место во расказот за нашата земја – рамо до рамо со марките, франците и лирите на другите европски народи.

Еврото не го прекинува тој расказ. Тоа го продолжува.

Бугарските букви, ликовите на Мадарскиот коњаник, на Свети Иван Рилски и на Паисиј Хилендарски на европските пари јасно кажуваат: ние не се откажуваме од себе. Ние изјавуваме кои сме.

Во последните денови овој избор беше одбележан и од Вселенскиот патријарх Вартоломеј – со оној спокоен авторитет што не осудува, туку го препознава значењето на симболите. Момент што одразува самоуверено присуство на Бугарија во Европа, духовна зрелост и почит кон сопствената историја. Не како откажување од идентитетот, туку како негово сигурно присуство во поширока заедница.

Овој момент не бара еуфорија. Тој бара прецизност. И тивка увереност дека припадноста, сеќавањето и иднината можат да одат заедно.

БОЖЕ ПАЗИ БЪЛГАРИЯ – така пишува на најновите европски монети. И тоа кажува доволно.

Зашто Бугарија е Европа. И Европа е Бугарија“, изјавува Димитар Радев, неколку часа пред официјалниот премин кон заедничката европска валута.



Слични Објави