Бугарија е европски лидер по ископ на бакар и лигнитен јаглен
Бугарија е меѓу лидерите во Европа во производство на бакар и лигнитен јаглен. Ова беше кажано за време на меѓународната конференција „Future Minerals Forum“ во Саудиска Арабија – еден од најважните економски настани на Блискиот Исток. Искуството на бугарските компании и достигнувањата на бугарската рударска индустрија ги презентираше бугарскиот министер за економија и индустрија Никола Стојанов.
„Бугарија го достигна врвот во ископот на минерали во 2021 година со стабилен раст од 10 проценти“, изјави Никола Стојанов пред светските медиуми за време на министерска тркалезна маса која е дел од форумот.
Според министерот, бугарското производство изнесува 117 милиони тони само за 2021 година, а Бугарија е меѓу водечките земји во Европа во ископ на некои основни суровини како бакар и лигнитен јаглен.
„Со текот на годините, постојано создаваме специјалисти кои се лидери во својата област, а бугарските компании во овој сектор се конкурентни на светско ниво“, истакна министерот за економија
Тој упати покана кон министри и функционери од над 60 земји кои учествуваат на форумот за заеднички проекти во рударската индустрија со учество на бугарскиот бизнис сектор.
На тридневната конференција која се одржува до 12 јануари во Ријад, се вклучени околу 6000 учесници од целиот свет, меѓу кои над 100 функционери, претставници на индустријата, бизнисот, владиниот и научниот сектор.
