Бугарија е лидер во ЕУ по растот на буџетските средства за наука
Бугарија бележи најголем раст во Европската Унија на буџетските средства за истражување и развој по жител во периодот 2015–2025 година, покажуваат прелиминарните податоци на Евростат, пренесува БГНЕС.
Во 2025 година земјата предвидела 92,3 евра по жител за научноистражувачка и развојна дејност, наспроти 15,5 евра во 2015 година, што претставува раст од 495,5%. Вкупниот буџет за оваа намена се зголемил од 108,6 милиони евра на 593,9 милиони евра.
И покрај силниот раст, Бугарија останува значително под просекот на ЕУ од 288,9 евра по жител. Најмногу издвојува Луксембург – 917,2 евра, по што следуваат Данска со 627,1 и Германија со 553,5 евра.
Романија е единствената членка на ЕУ во која вкупното буџетско финансирање за истражување и развој се намалило во изминатата деценија, за 13,1%. Во 2025 година таа издвојува 18,8 евра по жител, најмалку во Унијата.
Вкупните буџетски средства за истражување и развој во ЕУ во 2025 година достигнуваат 130,2 милијарди евра, што е за 60,5% повеќе во споредба со 2015 година.
