Бугарија е отворена за американски инвестиции и заеднички индустриски проекти
Бугарија е отворена за американски инвестиции и има силна политичка волја да ги подигне билатералните односи на повисоко ниво преку долгорочни партнерства и индустриска соработка во области од заемен интерес. Ова го изјави вицепремиерот и министер за економија, инвестиции и индустрија Александар Пулев при посетата на Балтимор, сојузната држава Мериленд, САД, јавува БТА.
Во рамките на посетата, Пулев отвори билатерален бизнис-форум посветен на можностите за партнерство меѓу бугарски и американски компании во областа на одбраната, вселенските технологии и иновациите. Тој се сретна со Хари Кокер Помладиот, секретар за трговија на сојузната држава Мериленд, и посети водечки компании од регионот што работат во одбранбената индустрија.
Според Пулев, политичката стабилност треба да се претвори во реални деловни можности и попредвидлива средина за инвеститорите, а Бугарија располага со финансиски инструменти и политичка волја за долгорочен индустриски развој и привлекување стратешки инвестиции.
„Тука сме затоа што сакаме да градиме партнерства. Верувам дека можеме да ги поставиме темелите на исклучително плодна соработка во иднина. Сакаме да ја искористиме оваа можност за да изградиме долгорочни врски и стратешка индустриска соработка во различни области“, изјави министерот.
Како главни области за продлабочување на билатералните односи беа посочени одбранбената индустрија, вселенските технологии, иновациите, сајбер-безбедноста и вештачката интелигенција. Пулев нагласи дека соработката не треба да се ограничува само на одбраната, туку да опфати поширок спектар високотехнолошки производства и заеднички проекти.
Министерот го истакна и потенцијалот на бугарските компании во вселенските технологии, беспилотните системи и иновативното производство како основа за одржливи партнерства со американскиот бизнис. Тој потсети и на потпишаната стратешка спогодба со САД во областа на вештачката интелигенција, која создава дополнителни можности за технолошко партнерство и зајакнување на врските меѓу компаниите од двете земји.
„Бугарската влада може да обезбеди секаква неопходна поддршка. Тука сме за да ги отстрануваме административните пречки и да ги пречекуваме инвеститорите со отворени врати“, изјави Пулев.
Вицепремиерот е на чело на бугарска деловна делегација во САД во рамките на третата бизнис-мисија „Одбрана и безбедност“ на Американската трговска комора во Бугарија. Во делегацијата учествуваат 30 претставници на бизнисот од 20 компании, а посетата има цел да ги прошири можностите за партнерство меѓу бугарски и американски компании во стратешки и високотехнолошки сектори.
