ВМРО и Слободата
Пишува: Владимир Перев
Поривот за слобода, чувството на достоинство и желбата за достоен живот, лежат во основата на човечкото битие. Затоа се основаат организации, се прават митинзи, се излегува во десператни ајдучки и други здруженија, конечно, заради тоа и се водат војни, крвави, безмилосни и безумни. Затоа и е измислена политиката, за сето тоа да се одбегне и да се овозможи посакуваниот достоен живот за секого. Несомнено е дека ТМОРО/ВМОРО/ВМРО е створено, формирано заради поривот за слобода на угнетените, но и желбата за совршенство во животот (Сандански, барем според Мерсија МакДермот), за да се отфрли не-европскиот, азијатски петвековен јарем на населението во Македонија и Одринско, останати вон слободна Бугарија, во границите на тогашната омразена Османска Империја. Жедта за слобода, физичка и духовна, е основата на идејата за формирањето на ВМРО.
Денес, на територијата на Северна Македонија и Бугарија има повеќе вмро-а, ама историјата признава само две: Првото, Солунското на историската петорка на чело со д-р Христо Татарчев и Дамјан Груев, каде што припаѓа и Гоце Делчев; и второто, ВМРО (Обединета) оглавено од советската/руската разузнавачка агентура, претежно низ раката на пројавениот (сечиј) агент, Димитар Влахов. Првото ВМРО од 1893 година, она Солунското е македонско/бугарско, демократско и европско, а она второто, Виенското на Влахов е македонистичко, предавничко, платеничко и антиевропско, азијатско по својата суштина. Тоа е кукавичко јајце во седелото на демократијата и патриотите, почнувајќи од д-р Татарчев, па преку Тодор Александров, се до Иван Михајлов и трагичната 1934 година. Имињата на членовите на Солунскот ВМРО сите ги знаеме, знаеме за нивниот живот и на некои, за трагичната, најчесто херојска смрт. За повеќето од нив, комунистичката номенклатура на Белград, Скопје, а најмногу на Софија, успеа да ни ги соопшти, на подол начин, за некаква нивна “дворска“агентура, фашизам, нацизам, предавство и така натаму. Основниот проблем беше што тие беа бугари, патриоти и антируски и европски ориентирани.
ВМРО (Об) е создадена врз основа на принципите на Мајскиот манифест на ВМРО, под влијание на Балканската комунистичка федерација и со поддршка на Коминтерната и македонските комунисти. Нејзе и се приклучиле членовите на Илинденската организација, на бившата Серската група , на бившиот Емигрантски комунистички сојуз, бившата Македонска федеративна организација и други “прогресивни“ групи. Нејзин орган бил в. “Македонско дело“. Најистакнати дејци: Панко Брашнаров, Павел Шатев, Димитар Влахов, Симеон Кавракиров, Владимир Поптомов, Андреја Чипов, Методија Шаторов-Шарло, Филип Атанасов, Никола Харлаков, Михаил Герџиков и др. Меѓу нивните членови треба да се бараат и физичките убијци на Тодор Александров, ренегатите Алеко Всилев и Штерју Влахов. Оваа организација, кон крајот на 1936 година се самораспушта а нејзините членови се влеваат во КПЈ, КПГ и БКП. Тоа доаѓа затоа што нема веќе ВМРО на Михајлов, но и затоа што Коминтерната и нејзиниот агент, бугарскиот евреин Соломон Голдштајн-Черски, т.е. оние кои ја формирале организацијата, наредуваат нејзино распуштање. Крајот на членовите на Обединетата е исто така трагичен, но без херојството на Солунските дејци. Тие скончуваат осамени, заборавени и елиминирани од своите соборци, македонските комунисти. Да се сетиме на Павел Шатев, Панко Брашнаров и веќе заборавениот херој, комунистот Андреја Чипов.
Двете организации се непријателски настроени, ама проблемот не е национален. И едните и другите се чувствуваат по националност како бугари, дури и по објавените позиции на Коминтерната од 1934 година, за утврдување на македонската нација. Тоа е факт кој го признаваат и историчарите во Македонија. Иначе, по својата суштина, ВМРО(Об) е комунистичка, антибугарска и сталинистичка. Значи, проблемот е идеолошки. На една страна ја имате позицијата на Автономистичката ВМРО на Александров и Михајлов која е проевропски и цивилизациски ориентирана, а на другата страна е агентурата на Москва инсталирана во ВМРО (об), која бара комунистичко, сталинистичко и азијатско владеење со Македонија, но и со, општо земено, сите Балканските територии-држави! Заблудите околу нејасната идентична разлика во имињата на организациите, продолжуваат до денешен ден на македонските пространства, а идеолошките разлики стануваат јасни. Сепак, истоветноста на името продуцира сѐ по нови заблуди!
Формирањето на ВМРО ДПМНЕ (17 јуни 1990 г.)беше дочекано со воодушевување од старите и судени вмровци (обвинети за пробугарски идеи и ванчомихајловизам) и со жестока канонада од тогашните единствени медии во земјата, “Нова Македонија“, “Вечер“ и МРТВ, сите идеолошки крајно комунизирани, а национално југословенизирани на јасни српски, белградски позиции. Тие беа гласноговорниците на фалшивото југословенство, денес познато како “српскиот свет“. Но, во тоа ДПМНЕ духот на автономизмот беше сочуван и се чувствуваше. По падот на Љ. Георгиевски, партијата премина во рацете на “технократот“ Груевски, советник на српскиот министер на финансии, а нов раководител на ВМРО. Со еден потег, во партијата влегоа српските пари, српскиот човек и “српскиот свет“.
Тоа беше крајот. ДПМНЕ неотстапно премина на руските позиции, ја оживеа подзаборавената коминтерновска агентурна политика, директно спротиставувајќи се на европските тенденции на општеството. Од позициите на ВМРО премина на позициите на ВМРО(об), протнувајќи се низ политичката индиферентност на македонските маси. Политичкиот живот на македонските пространства заличе на вистинска гротеска; СДСМ, наследници на комунистите станаа поборници на пристапувањето кон ЕС, а ВМРО ДПМНЕ, се откажаа од идите на д-р Татарчев, Александров и Михајлов и станаа подржници на каузата на ВМРО (об) на Влахов, Шатев, Брашнаров и другата сталинистичка агентура.
Гласањето во македонскиот парламент за прифаќање на “францускиот“ предлог беше само навидум тензично, во суштина тоа беше една огромна лакрдија, вовед во собирање на гласови за следните избори. Но на фонот на парламентарните подлости и подметнувања, на улиците се развиваше вистинска драма, инструирана од ДПМНЕ. Извиците “не за бугаризација“, кажани на говорницата, се прелееја низ скопскиот плоштад, нагрден со антиката/споменикот на “Воинот на коњ“, а хистеричните повици за спас од “бугаризација“, кажани од “случајните“ учесници на протестот, не вратија во годините по Втората светска војна, во борбата против веќе умрениот/победениот фашизам, а со желба за саморасправа во македонското општество. Да ја нарекуваш Европа фашистичка, а за Урсула фон дер Лајен да изрекуваш навреди кои се незамисливи за луѓе со елементарно домашно воспитание, говори за невиден идеолошки дискурс на опозицијата во Македонија. Ако главната експликација на протестите и навредите кон ЕУ и фон дер Лајен имаа евидентен чегеваристички призвук, сепак во заднината на настаните се лелеше коминтерновската идеја за “комунистичкото единство“, ехо на подзаборавените пропаднати идеи на ВМРО(об). Како поинаку да се толкуваат паролите дека “не ни треба Европа и ЕС, има и други асоцијации каде можеме да одиме, БРИКС и тнт“! Нешто како одамна фалираната титова политика на “давам лев мигач, ама вртам десно“ на патот кон иднината…сега, во оваа ситуација, ДПМНЕ го прави истото само обратно, дава десно, а врти лево, во “реформираниот“ комунизам на БРИКС! Видливо прикриено српство! Каде се тука обичните луѓе кои си ја сакаат слободата? Идејата за слобода заради која е формирано ТМОРО и заради која претците си ги оставале животите, треба да биде доживеана, како слобода на Европа, визија за правда и еднаквост. Да, Европа и се “проституирала“, ама никогаш не отстапила од своите слободарски визии, за сите европјани.
Сега одново стоиме пред противник. Тоа е дебелата руска врска, заснована на многу пари за потплата, скромна политичка визија и заслепеност од некакво минато, кое допрва треба да дојде како иднина. Изјавата на Генчовска за непризнавањето на македонскиот јазик во овој наш формат, не е антимакедонски чин. Тоа е првиот чин на херојство на еден бугарски државник, на целата бугарска нација, за непризнавање на руската духовна окупација на нашиот народ, чии корени се длабоко наназад, кон средината на 18. век. Со таа изјава, дадена пред европските институции, завршува руската супремација на македонско-бугарските духовни пространства. Останува само евентуална војна…
Војната во Украина и бруталната руска агресија врз една држава и невин народ, треба да бидат поука. Некои ја сакаат Русија овде. Нема како да дојде, освен ако не ја прегази Бугарија, преку Варна и Бургас…варненци веќе го гледале тој филм за време на Првата светска војна, биле бомбардирани од руските бродови на Црно Море. Ако навистина им влезат на бугарите, како што овде многумина посакуваат, тогаш бугарските “тројанци“, сега заедно со русите и оние омовците, пак ќе влезат во Македонија и одново ќе имаме бугарска администрација. За оваа можност немам свое мнение, ќе го чекам развојот на настаните, ама русите нема да бидат пречекани со цвеќе во рака, погача и ракија. Претходниот пат бугарите дојдоа сами, по германците! Затоа и беа така пречекани, како ослободители. ДПМНЕ и чегеваристите веројатно и овие ќе ги пречекаат, ама прашањето е, што ќе правиме со Слободата, со идеалите на ТМОРО/ВМРО, каде се тие и каде е Слободата?
