Бугарија е втор трговски партнер на Турција меѓу соседните земји
Бугарија е втор најголем увозник на турски стоки и услуги меѓу соседните земји на Турција и убедливо прва на Балканот, со значајна предност пред Грција, јавува БГНЕС.
Вкупниот извоз на Турција кон соседните држави во 2025 година пораснал за 4,6 отсто и достигнал 28,35 милијарди долари. Најголем трговски партнер останува Ирак со извоз од 10,3 милијарди долари, додека Бугарија е на второ место со 4,7 милијарди долари, што претставува годишен раст од 6,8 отсто.
На трето место е Грција со 3,5 милијарди долари, а на четврто Сирија со 2,6 милијарди долари. Извозот кон Сирија бележи силен раст од 70 отсто, главно поради политичките промени во земјата по падот на режимот на Башар Асад кон крајот на 2024 година. Извозот кон Грција пораснал за 4,5 отсто.
Најголем удел во турскиот извоз имаат хемикали и хемиски производи со 4,34 милијарди долари, следени од земјоделски култури со 3,16 милијарди и мебел, хартија и шумарски производи со 2,44 милијарди долари.
Вкупниот извоз на Турција во 2025 година изнесувал 273,4 милијарди долари, што е раст од 4,5 отсто на годишно ниво.
