Припадник на криминалнта мрежа „Пинк пантерс“ уапсен во Бугарија по вооружен грабеж во Халкидики
Еден од членовите на меѓународната криминална мрежа „Пинк пантерс“ е уапсен во Бугарија по идентификација од грчките власти за вооружен грабеж на златарница во Халкидики, при кој беа украдени накит и луксузни часовници во вредност од околу 580.000 евра, јавува БГНЕС.
По повеќемесечна истрага, грчката полиција утврди дека станува збор за двајца српски државјани на 48 и 46 години. За нив беа издадени европски потерници – едниот е приведен во Бугарија, другиот во Хрватска, објави „Прототема“.
Грабежот бил извршен напладне на 2 септември 2025 година во златарница во хотелски комплекс во Сани. Напаѓачите со оружје им се заканиле на вработените и за неколку секунди ги одзеле вредните предмети, по што брзо побегнале. Според истрагата, акцијата била „внимателно планирана и прецизно изведена“.
Полицијата утврди дека четворица членови на групата престојувале во Грција од 20 август до 2 септември со цел да го извршат грабежот, користејќи лажни документи и возила со украдени регистарски таблички. За движење и бегство користеле автомобили и електрични тротинети.
По апсењата, се очекува судските органи да одлучат за екстрадиција на осомничените во Грција, каде што ќе одговараат пред суд.

