Бугарија го презеде од РС Македонија ротирачкото претседателство на Регионалниот комитет за пребарување и спасување при несреќи во цивилното воздухопловство
Бугарија годинава ќе претседава со Регионалниот советодавен комитет за пребарување и спасување при несреќи во цивилното воздухопловство (RASARAC), соопшти прес-центарот на Министерството за транспорт и врски на Бугарија, пренесува БТА. Генералниот директорат „Управа за цивилно воздухопловство“ денеска го презеде ротирачкото претседавање со комитетот од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија.
Во рамките на претседателството ќе се организираат и одржат состаноци на Управниот одбор и на експертски работни групи на кои ќе се разгледуваат прашања поврзани со прекуграничната соработка, оперативните процедури и договори, обуката и подготовката, како и надзорот за пребарување и спасување. .
RASARAC е меѓубалкански комитет кој има за цел да ја стандардизира и подобри регионалната соработка за поефикасно спроведување на меѓународните операции за пребарување и спасување во случај на авионски несреќи. Бугарија се приклучи на комитетот во 2021 година. Во него се вклучени и националните власти одговорни за авијациско пребарување и спасување на Албанија, Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Словачка, Словенија, Хрватска и Унгарија.

