Бугарија го прославува Денот на преродбениците (Ден на народните будители)
Во Бугарија денеска се слави Денот на преродбениците (Ден на народните будители). На овој ден им се оддава почит на делото на писателите, просветителите, борците за народно ослободување, кои низ вековите ги зачувале духовните вредности на нацијата и нејзиниот морал.
Меѓу имињата на најпочитуваните личности што се прославуваат на овој ден се св.Иван Рилски, Владислав Граматик, Паисиј Хилендарски, Неофит Рилски, Васил Левски, Христо Ботев, Хаџи Димитар, Иван Вазов, Љубен Каравелов и други.
Паисиј Хилендарски заслужено ја носи славата на прв преродбеник на бугарската нација. Во 1762 година, Паисиј Хилендарски ја напишал својата „Историја славјано-бугарска“. Негов прв следбеник бил епископот Софрониј од Враца. Во тие тешки времиња за Бугарите, Софрониј пишувал книги за образование и работел за политичкото ослободување на Бугарите.
Софрониј Врачански, Јоасаф Бдински, Григориј Цамблак, Константин Костенечки, Владислав Граматик, свештеник Пејо, Матеј Граматик, Св. Иван Рилски, Неофит Бозвели, браќата Димитар и Константин Миладинови, Георги С. Раковски, Васил Левски, Христо Ботев, Иван Вазов, Стефан Караѓа, Хаџи Димитар, Љубен Каравелов, Добри Чинтулов и стотици други биле бранители на националната самосвест на Бугарите.
По ослободувањето на Бугарија, и интелигенцијата и обичните луѓе станале свесни за подвигот на преродбеничките писатели и револуционери, кои ја создале атмосферата и го донесле бугарскиот дух до одлуката да води борба за државен суверенитет.
Празникот за прв пат бил прославен во 1909 година во Пловдив. Во 1922 година, Стојан Омарчевски, министер за народно образование на Бугарија, поднел предлог до Министерскиот совет за означување на 1 ноември за Ден на бугарските преродбеници. На 1 ноември 1923 година со декрет на цар Борис III, денот е прогласен за национален празник во спомен на заслужните Бугари. Од 1922 до 1945 година бил национален празник. Од 1945 година празникот е укинат и по долга пауза, на 28 октомври 1992 година, се обновува неговата традиција.