| |

Бугарија и Романија им оддадоа почит на загинатите војници на воените гробишта во Мирча Вода

Со заедничка панихида и положување венци, бугарски и романски претставници им оддадоа почит на загинатите војници погребани на Меѓународните воени гробишта „Мирча чел Батрн“ кај романската општина Мирча Вода, соопшти Амбасадата на Бугарија во Романија. Меѓу повеќе од 5.000 војници од различни земји, таму се погребани и околу 200 бугарски војници.

Церемонијата се одржа четврта година по ред, по заедничка иницијатива на бугарското Министерство за одбрана и Амбасадата во Букурешт, со поддршка од романската страна.

Бугарскиот амбасадор во Романија, Радко Влајков, го истакна значењето на заедничкото оддавање почит на загинатите за својата татковина. Тој изрази задоволство од соработката меѓу вооружените сили на двете земји, како на билатерално ниво, така и во рамките на НАТО.

„Соработката меѓу Бугарија и Романија има особено значење со оглед на актуелната безбедносна состојба и сериозните предизвици, вклучително и во Црноморскиот регион“, изјави Влајков.

Полковник Невјана Митева-Матеeва, началник на одделот за социјални инвестиции и политика за военоисториското наследство во бугарското Министерство за одбрана, нагласи дека гробиштата во Мирча Вода се симбол на сеќавањето, националната благодарност и човечката почит. Таа им оддаде почит на бугарските војници загинати за слободата и независноста на Бугарија.

Заменик-командантот на романската Деветта механизирана бригада, полковник Ремус Попа, ја истакна човечката димензија на заедничкото чествување и зачувувањето на споменот за загинатите. Тој ја нагласи решеноста на Романија и Бугарија, обединети од заеднички вредности и меѓусебно почитување, да соработуваат за зачувување на мирот и безбедноста во регионот.

На церемонијата присуствуваа претставници на дипломатските и воените институции на двете земји, бугарски војници од штабот на Мултинационалната дивизија „Југоисток“ и од Единицата на НАТО за интеграција на силите во Романија, како и питомци од бугарското Високо военопоморско училиште „Н. Ј. Вапцаров“.

Учествуваа и припадници на романскиот 345. артилериски баталјон „Томис“, воен оркестар на романската морнарица, претставници на ветерански и воено-патриотски организации, локалните власти и граѓани.

Заедничката панихида ја отслужија претставникот на Бугарската православна црква во Букурешт, протоереј Кирил Синев, и свештеници од Романската православна црква, предводени од архиепископот на Томис, Теодосие.

На крајот беа положени венци и цвеќе пред заедничкиот споменик на сите погребани војници и пред споменикот во делот со гробовите на бугарските војници.

Изградбата на гробиштата започнала во 1926 година, а нивната обнова била извршена во периодот од 2005 до 2007 година. Според бугарската амбасада, тие се меѓу најголемите воени гробишта надвор од Бугарија според бројот на погребани бугарски војници.

Слични Објави