Бугарија и Швајцарија 110 години економска соработка
На 4 септември Бугарија и Швајцарија одбележаа 110 години партнерство со фокус на економската соработка.
Швајцарија се вбројува меѓу петте најголеми странски инвеститори во Бугарија, а економските односи претставуваат силен столб на соработката меѓу двете земји, се наведува во соопштение на Амбасадата на Швајцарија во Бугарија.
„Трговијата, претприемништвото и иновациите ги поврзуваат бизнисите од двете земји“, пишува во соопштението.
Од Амбасадата посочуваат дека швајцарските компании, од глобални корпорации до иновативни мали и средни претпријатија, придонесуваат за економскиот развој, создавањето работни места и трансферот на знаење и искуство.
Според соопштението, нивното присуство придонесе и за изградба на поконкурентна и поиновативна економија во Бугарија.
Бугарско-швајцарската трговска комора активно го поттикнува деловниот дијалог, инвестициските можности и соработката меѓу претприемачите од двете земји.
Од Амбасадата потсетуваат и на долгата традиција на швајцарското претприемништво во Бугарија. Еден од првите примери датира од крајот на 19 век, кога швајцарски специјалисти придонесле за развојот на бугарската индустрија, вклучително и во пиварството, електричната инфраструктура, производството на хартија и градежништвото.
„Некои од овие пионерски инвестиции помогнале во воведувањето современи технологии во младата бугарска држава“, се наведува во соопштението.
Како пример за швајцарското индустриско наследство се посочува и првиот лифт во Бугарија, произведен од швајцарската компанија „Шиндлер“.

