| |

Бугарија ја одбележа испораката на првите осум авиони ловци F-16 Block 70

Вршителот на должноста амбасадор на САД во Бугарија, Мартин Мекдауел, присуствуваше на официјалната церемонија по повод испораката на првите осум борбени авиони F-16 Block 70, одржана во Третата воздухопловна база „Граф Игнатиево“. На настанот учествуваа и министерот за одбрана во оставка Атанас Запрјанов, началникот на одбраната адмирал Емил Ефтимов и претставници на државни и сојузнички институции, јавува БГНЕС.

Во своето обраќање, Мекдауел го оцени настанот како историски момент и нагласи дека испораката на авионите претставува значаен чекор во модернизацијата на бугарските вооружени сили. Според него, F-16 ќе ја зајакнат безбедноста и стабилноста во Црноморскиот регион, ќе ја подобрат интероперабилноста со сојузничките сили и ќе ја унапредат заштитата на бугарскиот воздушен простор. Тој истакна и дека претстојните одбранбени проекти, заедно со втората партија F-16, ја претставуваат најголемата модернизација на одбраната во историјата на Бугарија.

Министерот Запрјанов соопшти дека со пристигнувањето на последните два авиона успешно е реализиран првиот договор од 2019 година меѓу Бугарија и САД за набавка на осум ловци. Тој подвлече дека F-16 Block 70 се клучна борбена платформа за бугарските воздухопловни сили и симбол на стратешкото партнерство меѓу Софија и Вашингтон. Според него, новите авиони носат целосно нов систем на управување и ја зајакнуваат оперативната соработка со земјите членки на НАТО кои користат иста платформа.

Запрјанов информираше дека паралелно со испораката се реализираат 49 инфраструктурни проекти во базата „Граф Игнатиево“, од кои најкритичните веќе се сертифицирани од американски експерти. Тој додаде дека модернизацијата е придонес за стабилноста на источниот крил на НАТО и ја нагласи нејзината важност за националната безбедност.

Вицепремиерот и министер за иновации Томислав Дончев изрази благодарност до сите институции вклучени во процесот и истакна дека бугарските воздухопловни сили влегуваат во нова ера, со значително унапредени способности и интеграција со останатите родови на вооружените сили.

Слични Објави