Бугарија ја потпиша Конвенцијата за основање на Меѓународниот центар „Меркатор“ за океанот
Бугарскиот министер за образование и наука, проф. Георги В’лчев, денеска во Ахелој ја потпиша Конвенцијата за основање на Меѓународниот центар „Меркатор“ за океанот, пренесе БТА. Церемонијата се одржа на отворањето на Првата балканска поларна конференција, во присуство на генералниот директор на „Меркатор оушн интернешнл“, Пјер Бајурел, и директорот на Бугарскиот антарктички институт, проф. Христо Пимпирев.
„Ова е важен чекор кон основањето на нова меѓувладина организација која ќе ги обедини напорите за следење, истражување и предвидување на процесите во Светскиот Океан“, изјави В’лчев. Тој истакна дека Бугарија има долгогодишно искуство во истражувањето на Црното Море и на поларните региони и дека во работата на центарот може да придонесе со знаењето на своите научници.
Центарот ќе развива дигитален модел на океанот и ќе обезбедува научни податоци и прогнози за состојбата на океаните, регионалните мориња, меѓу кои и Црното Море, и крајбрежните подрачја. Редовно ажурираните прогнози треба да придонесат за побезбедна пловидба во поларните води и за подобро планирање на експедициите.
