Бугарија ја претстави подготовката за Giro d’Italia 2026 пред европските медиуми
Министерствата за туризам и за млади и спорт на Бугарија ја претставија подготовката на земјата за домаќинството на првите три етапи од Giro d’Italia 2026 пред водечки европски медиуми, меѓу кои Corriere della Sera, Marca и Eurosport, јавува БГНЕС.
Министрите Ирена Георгиева и Димитар Илиев ја истакнаа координацијата меѓу институциите и очекуваните ефекти од настанот. Според Георгиева, домаќинството е можност Бугарија да достигне до милиони туристи, при што трасата ќе помине низ Несебар, Бургас, Велико Трново, Пловдив и Софија, комбинирајќи морски, културен и урбан туризам.
Илиев нагласи дека приоритет е безбедноста и непреченото одвивање на трката, со тесна соработка меѓу државните и локалните власти. Се очекува настанот да го зголеми интересот кај младите за велосипедизмот и активниот начин на живот.
Институциите соработуваат и со аеродромите во Софија, Варна и Бургас за полесно патување на учесниците и гостите, додека туристичкиот сектор се подготвува за зголемен интерес.
Двајцата министри изразија уверување дека домаќинството ќе донесе долгорочни придобивки, ќе ја зголеми препознатливоста на Бугарија и ќе ја зацврсти како дестинација за спортски туризам.
