БУГАРИЈА ЈА УТВРДИ ПОЗИЦИЈАТА И УСЛОВИТЕ ЗА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНИЈА

Бугарија ќе каже „да“ за почеток на преговори на Македонија следната недела, но ќе постави список на услови, кои земјава ќе мора да ги исполни пред воопшто да почне да преговара. На заедничката пресконференција, и шефицата на дипломатијата Захариева и вицепремиерот Каракачанов, порачаа дека патот до членство на земјава во Унијата ќе биде поплочен со низа бугарски критериуми, долж сите 35 преговарачки поглавја.

-Да се воздржи од спроведувањето на политика, независно во каква форма, која поддржува и поттикнува претензии за признавање на македонско малцинство во Бугарија. Теба да ги отстрани текстовите од таблите и натписите на спомениците и спомен плочите и објектите, кои промовираат омраза кон Бугарија. Исто така настојуваме за јасен распоред за промена на учебниците по Историја, Бугарски јазик, Географија, изјави Екатерина Захариева, министер за надворешни работи на Бугарија

-Пред за се закаже првата меѓувладина конференција, Македонија треба да ги исполни овие услови и тоа ќе зависи од тоа дали ќе биде закажана таква меѓувладина конференција и кога. Пред втората меѓувладина конференција има друг пакет од услови, вели Красимир Каракачанов, вицепремиер на Бугарија.

Дека бугарската поддршка не е безусловна повтори и претседателот Радев. Тој како што пренесоа бугарските медиуми, денеска изјавил дека очекува македонскиот колега Пендаровски да ја посети Софија. Не мора да има напредок на Комисијата за историски прашања, за тој да дојде во Бугарија, рекол Радев, посочувајќи дека улогата на политичарите е да ги приближат позициите во тешки периоди.

-Политичарите имаат одговорност од двете страни да бараат поводи кои не приближуваат, а не кои не разделуваат, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.

Од Кабинетот на Пендаровски за Канал 5 потврдуваат дека покана од Радев до македонскиот претседател е испратена од поодамна и дека двата кабинета го утврдуваат датумот кога таа посета ќе се оствари.

Извор: Канал 5