Бугарија ќе им доделува стипендии од 665 евра на бугарските ученици медалисти од меѓународни олимпијади
Бугарските ученици кои освоиле медали од меѓународни олимпијади и кои ќе изберат да студираат на бугарските државни универзитети ќе бидат ослободени од семестарски такси и ќе добиваат месечна стипендија од 665 евра, предвидува новата национална програма на Министерството за образование и наука на Бугарија, јавува 24 часа.
Стипендијата ќе се исплаќа 10 месеци во секоја академска година, најмногу четири години. Право на неа ќе имаат носители на златни, сребрени и бронзени медали од меѓународни олимпијади по математика, информатика, физика, хемија, биологија, астрономија, лингвистика, филозофија, географија, науки за Земјата и вештачка интелигенција.
Кандидатите треба да бидат примени или запишани како студенти во прва година, на редовни студии во државен универзитет. Документите ќе се поднесуваат во универзитетите до 15 октомври.
Буџетот на програмата изнесува 3,6 милиони евра. Доколку бројот на кандидати го надмине расположливиот буџет, тие ќе бидат рангирани според бодовен систем што зема предвид најмногу три медали.
За продолжување на стипендијата студентите ќе треба да имаат просечна оценка од најмалку 4,75 и да студираат редовно и без прекин. При пад на просечната оценка, стипендијата може да биде намалена или укината.
