Бугарија купува од САД GPS модул за новите патролирачки бродови на ВМС на бугарската армија
Со 107 гласа „за“, Народното собрание на Бугарија денеска го усвои Законот за ратификација на Меѓународниот договор „GPS модул со поддршка на „M-code“ за воени цели“, јавува бугарското Министерство за одбрана.
Договорот е изготвен во рамките на реализацијата на приоритетниот проект на Министерството за одбрана – „Набавка на повеќенаменски модуларен патролен брод за Воената морнарица“. Со овој проект, новоизградените патролни бродови ќе добијат способност за сигурна и отпорна сателитска навигација, независна од намерни пречки, преку вградените „GPS модули со M-code поддршка за воени цели“.
Претседателот на Комисијата за одбрана во парламентот, Христо Гаџев, изјави дека употребата на системот GPS со „M-code“ е единствената можност за ВМС (Военоморските сили) да обезбедат навигациски модул од ваков тип.
„Овој режим е развиен од САД исклучиво за воена употреба, а пристапот до информациите е строго контролиран,“ објасни Гаџев. Вредноста на меѓународниот договор изнесува 2.499.936 лева.
Финансиските средства за спроведување на договорот се обезбедени во рамките на буџетот за одбрана за тековната година, вклучувајќи и финансиски средства од спогодби меѓу Министерството за одбрана и Кралството Данска, како и други донации и форми на соработка во областа на одбраната.
Според клаузулите од договорот, испораката на опремата треба да се реализира до крајот на второто тримесечје од 2026 година.

