|

ЕУ го поздрави мирниот договор меѓу Ерменија и Азербејџан

Лидерите на Европската унија, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, го поздравија договорот постигнат со посредство на САД за ставање крај на децениските судири меѓу Ерменија и Азербејџан, повикувајќи на негово брзо спроведување, јавува БГНЕС.

Ерменија, со мнозинско христијанско население, и Азербејџан, со мнозинско муслиманско население, долги години се во спор околу својата граница и статусот на етничките енклави во двете држави. Двете земји војуваа двапати за спорниот регион Карабах, кој Азербејџан го врати под своја контрола во блиц-офанзива во 2023 година, предизвикувајќи егзодус на повеќе од 100.000 етнички Ерменци.

Договорот, потпишан во петок во Белата куќа, претставува „важен чекор кој го отвора патот кон траен и одржлив мир за двете земји и целиот регион“, се вели во заедничката изјава на претседателите на Европската комисија и Европскиот совет. Тие нагласија дека е клучно навремено да се спроведат договорените чекори за да се обезбеди стабилен напредок кон целосна нормализација на односите.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Ерменија и Азербејџан се обврзале „да ги прекинат сите воени дејствија засекогаш, да ја отворат трговијата, патувањата и дипломатските односи, и меѓусебно да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет“.

Договорот беше поздравен и од Обединетото Кралство и од Иран. Техеран, и покрај поддршката, изрази загриженост за можните негативни последици од било какво странско мешање, особено во близина на заедничките граници.



Слични Објави