| |

Бугарија обезбеди 1,2 милиона евра за придружни настани на „Евровизија 2027“

Министерството за култура на Бугарија обезбеди 1,2 милиона евра за придружни настани поврзани со „Евровизија 2027“, која во мај ќе се одржи во Бургас, беше соопштено на седница на парламентарната Комисија за култура, јавува Актуално.

Министерот за култура Евтим Милошев изјави дека средствата ќе бидат наменети за паралелни настани во рамките на таканаречената „странична програма“ околу главниот натпревар.

Не беше прецизирано колку настани вкупно ќе добијат финансиска поддршка, но секој избран проект ќе може да добие буџет до 100.000 евра.

„Настаните ќе бидат одобрувани според утврдена постапка и од комисија, а ќе бидат избрани само оние што се вклопуваат како придружни настани и придонесуваат за промоција на бугарската култура и на земјата“, нагласи Милошев.

Тој додаде дека интересот е голем и дека веќе почнале да пристигнуваат првите предлози за активности.

Според Милошев, подготовките ги координира организациски комитет предводен од вицепремиерот Иво Христов. Министерството е во комуникација со Општина Бургас, градоначалникот Димитар Николов и Европската радиодифузна унија (EBU).

Заменик-министерката за култура Марина Василева информираше дека придружните настани за „Евровизија“ се вклучени како вонредна програмска насока во националниот културен календар за 2027 година.

Според неа, буџетската процедура на Министерството за следната година е речиси завршена, а за националниот културен календар е предвидена посебна буџетска ставка.

Малите фестивали од локално и регионално значење, како и иницијативите за зачувување на живите традиции, ќе се финансираат преку друга програма.



Слични Објави