| |

Бугарија планира изградба на гигафабрика за вештачка интелигенција со IBM и Европската комисија

Бугарија разгледува можност за изградба на гигафабрика за вештачка интелигенција во партнерство со IBM и Европската комисија. Проектот има за цел да ја позиционира земјата меѓу водечките технолошки центри во Европа и да привлече високо-технолошки инвестиции.

„Ќе вложиме максимални напори овој проект да се реализира, бидејќи за владата приоритет е привлекувањето на високотехнолошки инвестиции,“ изјави премиерот Росен Желјазков на средбата со претставници на IBM. На состанокот присуствуваа и вицепремиерот Томислав Дончев, заменик-министерот за иновации и раст Мартин Дановски, како и високи менаџери на компанијата.

Проектот предвидува инфраструктура со над 100.000 напредни GPU чипови, со почетна потреба од најмалку 70 MW електрична енергија, а во целост – до 500 MW. Гигафабриката би се реализирала преку јавно-приватно партнерство, при што Европската комисија би можела да финансира до 17% од капиталните трошоци, а земјите членки да обезбедат еднаков или поголем дел.

„Оваа иницијатива има потенцијал да создаде поволни услови за развој на иновации, научни истражувања и дигиталната економија,“ нагласи премиерот Желјазков.

За проектот ќе биде потребен терен од 50 до 200 хектари со можност за проширување, како и инфраструктура – оптички магистрали, приклучок кон електропреносната мрежа, водоснабдување и транспортна достапност.

Според плановите на Европската комисија, првите гигафабрики во Европа би започнале со работа во периодот 2027–2028 година. IBM се разгледува како стратешки партнер кој ќе обезбеди експертиза, технолошки решенија и одржување на инфраструктурата.

Вицепремиерот Томислав Дончев нагласи дека Бугарија има силен ИТ сектор, квалификуван кадар и изградбата на фабриката BRAIN++, што дополнително ја позиционира земјата како конкурентен кандидат за вакви инвестиции.

IBM е глобален лидер во областа на вештачката интелигенција, облачните технологии и сајбер-безбедноста, со над 2.000 вработени во Бугарија. Партнерството со компанијата би обезбедило меѓународна легитимност и усогласеност со европската и националната регулатива.



Слични Објави