Бугарија успеа да обезбеди 35 електрични возови во вредност од преку 500 милиони евра
Бугарија успеа да обезбеди 35 електрични возови во вредност од преку 1 милијарда лева (500 милиони евра) преку Планот за опоравување и отпорност (ПВУ). Договорот беше потпишан на свечена церемонија во бугарската влада, во присуство на премиерот Росен Желјазков и министерот за транспорт Гроздан Караџов, јавува БГНЕС.
„Со денешната церемонија, не знам дали станува збор за крај на еден долг и сложен процес или за почеток на нови предизвици. Но факт е дека успеавме да го фатиме „последниот воз“ – да не го испуштиме овој клучен ресурс од ПВУ и да обезбедиме сложно финансирање за набавка на 35 воза, од кои 12 се финансирани директно од Планот“, изјави премиерот Желјазков.
Тој истакна дека сега следуваат тешки задачи – реструктуирање на Бугарските државни железници (БДЖ), навремена испорака на возовите и реформи за подобрување на ефикасноста. „Ова ќе бара соработка со социјалните партнери и создавање на нов, транспарентен бизнис модел за железниците во услови на либерализиран пазар“, додаде тој.
Министерот Караџов нагласи дека ова е најголемата инвестиција во железничкиот подвижен состав во историјата на Бугарија. „Со овие возови ќе ги покриеме две третини од потребите на земјата за модерен подвижен состав. Ова ќе ги направи железниците попривлечни за патниците, а истовремено ќе придонесе за еколошката средина“, рече тој.
Возовите ќе бидат еколошки, енергетски ефикасни и со подобрени услови за патниците. Оваа инвестиција е дел од поширокиот напор за модернизација на железничката инфраструктура и зголемување на учеството на железничкиот транспорт во Бугарија.
Со ова, Бугарија делумно ќе ги надмине декадите на заостанување во обновата на железничкиот парк и ќе се приближи кон европските стандарди. Следниот чекор ќе биде брза и ефективна имплементација на проектот, за да се осигура дека возовите ќе бидат во функција во договорените рокови.
