Тошковски: Новата канцеларија во Долнени ќе опслужува над 15.000 граѓани
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со дел од раководството на министерството, денеска во Полициското одделение во Ропотово, Општина Долнени – прилепско, пушти во употреба нова канцеларија на Управни служби на МВР. Новата канцеларија ќе ги опслужува жителите на Општина Долнени и околните населени места.
Тошковски потенцираше дека со отворањето на овие канцеларии министерството ги доближува своите услуги сè повеќе до граѓаните.
„Со оваа канцеларија во Долнени над 15.000 граѓани коишто припаѓаат на Општина Долнени заедно со граѓаните од дијаспората, ќе имаат право и можност сите услуги коишто се поврзани со управните служби како што е вадење на патна исправа, лична карта или возачка дозвола ќе можат да ги остварат во рамки на својата општина, многу поблиску до местото на живеење. Со што имаме двоен ефект – многу поблиска услуга до граѓаните од овој регион, а и растеретување на канцеларијата во Прилеп која досега ги опслужуваше овие граѓани. Овие се седми по ред отворени канцеларии на управни служби и доколку има потреба од нови, секако ќе реализираме. Ветивме дека ќе овозможиме подостоинствени, побрзи и подостапни услуги за граѓаните и тоа го остваруваме,“ изјави министерот.
Тој додаде дека досегашните искуства од веќе отворените канцеларии се позитивни. „Граѓаните се исклучително задоволни да можат да ја остварат својата услуга близу до својот дом, без да патуваат подолго и фактот што гужвите со тоа се намалени и услугите ги добиваат достоинствено и ефикасно,“ рече Тошковски.
Министерот денеска го посети и ОВР Прилеп, каде што се запозна со фактичката состојба поврзана со безбедноста, условите и предизвиците на прилепската полиција.
„Има подобрување во делот на сообраќајот и вкупниот криминалитет, но и понатаму треба да се работи особено во делот на враќање на довербата на граѓаните во полицијата, којашто во изминатите години била целосно изгубена како резултат на спрегата со определени криминални структури,“ истакна на крај министерот Тошковски.

