| |

БУГАРИН, А МАКЕДОНСКИ ПАТРИОТ, ВОЗМОЖНА ЛИ Е ОВАА ХИПОТЕЗА?

Возможно ли е па барем макар и хипотетички во нашето општество, во нашата колективна меморија, историска и национална гордост да имаме Бугарин, македонски патриот и македонски револуционер, кој се борел за автономија и слобода на Македонија и Одринско?

Како да ги определиме по националност следните војводи, учесници во Илинденското востание, кои меѓу другото се и едни од првите воени инструктори кои Гоце Делчев ги испратил во внатрешноста на Македонија да организираат чети и да го обучуваат населението да ракува со оружје?

Пример војводата Христо Чернопеев, роден во с. Дерманци-Плевенско, убиен на Криволак, кукушки војвода, во чија чета бил и загинал во битка братот на Гоце Делчев- Мицо Делчев. Чернопеев е учесник како војвода во аферата Мис Стоун, многу близок пријател на Јане Сандански, погребан во црквата Успение на Пресвета Богородица во Ново Село-Штипско. Неговите коски и гроб кои се наоѓале зад олтарот на црквата по најварварски начин биле ископани и уништени.

Атанас Бабата, македонски револуционер, кратовски војвода, роден во с. Синитево, Пазарџиско, кој загинал во борба со турска потера заедно со целата своја чета, на врвот Видим над селото Куклица, кратовско.Петар Јуруков, македонски револуционер, тиквешки и крушевски војвода кој умира во 1905 г. во Крушево, инаку роден во г. Карлово, родното место на Васил Левски.

Крсто Асенов, внук на Димитар Николов Асенов, попознат како Хаџи Димитар, еден од најзначајните бугарски војводи, кој загинал на 28 годишна возраст, по тешка борба со османлиските сили. По повод неговата смрт Христо Ботев ја напишал една од најпопуларните творби песната Хаџи Димитар. Крсто Асенов е македонски револуционер, кукушки војвода, учесник во Илинденското востание, роден во г. Сливен, Бугарија.

Од пет војводи кои учествувале во прочуената Афера Мис Стон (Христо Чернопеев, Јане Сандански, Сава Михајлов, Крсто Асенов и Андон Ќосето), која дава голема популарност на македонската борба пред европската јавност, двајца од војводите Христо Чернопеев од с. Дерманци-Плевенско и Крсто Асенов од г. Сливен се од Бугарија.Сите овие војводи учествувале во Илинденското востание заедно со Питу Гули и останатите. Ако ние како општество немаме ништо против Влав по националност, македонски патриот и војвода да биде дел од нашата химна и историска и национална гордост, се прашувам возможно ли е па макар и хипотетички да имаме Бугарин, македонски патриот и војвода кој да е дел од нашата историска и национална гордост?

Прекрасен пример за тоа дека не треба да се вознемируваме или плашиме, луѓе од други држави да бидат наши национални херои, се учесниците во Американската војна за независност, Полјакот полковник Тадеуш Кошќушко и Французинот генерал-мајор Жилбер маркиз де Лафајет. Тие биле блиски соработници на Џорџ Вашингтон и се запишани со златни букви во американската историја.

Ако една голема и силна нација каква што е американската нема комплекси во однос на своите национални херои, зошто ние, со претензиите што ги имаме, би имале проблем со тоа да прифатиме дека огромен број Бугари заслужуваат да се наречат наши херои и секако македонски патриоти?!

Став на Петар Колев



Слични Објави